Успешно изведена географска теренска настава низ Бислимска Клисура кај Куманово
оригинално објавено на: 27.04.2013
На 26 април 2013 година, со студентите од прва година наставна насока и прва и втора година насока ГИС при Институтот за географија – ПМФ во Скопје, беше изведена еднодневна теренска настава низ Бислимска Клисура кај Куманово. Оваа клисура на реката Пчиња е долга околу 6.5 км и длабоко всечена во варовнички карпи. Посебно е интересна бидејќи на мал простор можат да се видат разновидни геолошки, релјефни, хидрографски, биогеографски и други појави, а некои од нив се раритетни и уникатни.

Теренската настава започна околу 8 часот, кога групата студенти и професори од Скопје се упатија кон Куманово. Веќе во 9 часот, по пристигнувањето до северната страна на Бислимската клисура кај месноста Орашачки мост (290 м надморска височина), започна искачувањето до сртот на варовничкиот рид Краста (500-600 м надморска височина), долж десната долинска страна на Пчиња. Од сртот се отвори прекрасна глетка кон кањонестиот дел на клисурата и бројните пештерски отвори по неа.

Кај месноста Орловац по речиси непрооден терен се изведе постепено спуштање до коритото на реката Пчиња и до влезот на пештерата-пропаста Маркова Куќа. За жал, преубавиот природен пејсаж беше нарушен со огромен број пластични отпадоци расфрлани по брегот од неодамнешните поплави на реката Пчиња. По краток одмор и запознавање на студентите со основните одлики на областа, повторно се изведе искачување до сртот на Краста, што беше уште понапорно поради високите пладневни температури и каменливиот терен. До селото Пчиња како крајна цел на теренската, студентите поминаа уште близу 3 часа пешачење (3-4 км) со детално разгледување и запознавање на теренот. Од с. Пчиња и краткото но драгоцено освежување пред локалната продавница, со автобус групата замина на ручек во градот Куманово, а потоа продолжи за Скопје.

Севкупно, без оглед на тешкиот терен и жешкото време, теренската настава беше целосно успешно изведена. За тоа придонесе наставниот кадар со професорите: д-р Благоја Маркоски, д-р Олгица Димитровска, д-р Ивица Милевски и демонстраторите Анита Тодорова и Владимир Златановски. Особен придонес за целата теренска настава имаа и 10-тина членови на општинската администрација од Куманово кои ја придружуваа групата со цел и тие да ја запознаат оваа клисура во непосредна близина на градот. Покрај тоа, обезбедија утрински оброк за групата, а помогнаа и во организација на ручекот во градот Куманово.
Се на се, вистинска теренска настава, која веројатно ќе остане незаборавна географска авантура за студентите.
Автор: д-р Ивица Милевски, раководител на теренската настава