Успешно завршена манифестацијата „Ноември – месец на науката“
оригинално објавено на 25.11.2016
Месецот ноември беше посветен на науката. За тоа се погрижија: Друштво на физичарите на Република Македонија, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, Друштвото на биолози на Република Македонија, Македонското географско друштво, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво и Природно-математичкиот факултет, кои со заеднички заложби за првпат организираа манифеста-ција посветена на промоција на природните науки, нагласувајќи го нивното значење и убавина.

Во програмата за работа беа реализирани 6 креативни работилници и 17 предавања од областа на астрономија, биологија, географија, физика и хемија, тест натпревар, посета на лабораториите на Природно-математичкиот факултет. Во рамките на настанот беше вклучена и 41. Школа „Млади физичари“.
Учествуваа околу 1200 ученици и околу 500 наставници од Република Македонија, како и 28 ученици и 12 наставници од странство.
Програмата за работа содржеше три дела: првиот посветен на ученици од прво до четврто одделение, вториот дел со содржини прилагодени на учениците од петто до девето одделение и третиот дел од програмата осмислен според интересите на средношколците. Манифестацијата започна на 4 ноември со креативни работнилници за најмладите. Низ игра и забава во импровизираните лаборатории за астрономија, биологија, географија, хемија и физика, учениците си играа и учеа. За таа цел беа приготвени и изведени 50 експерименти. Пропратно, стручната комисија ги сослуша сите учесници натпреварувачи со експерименти и најдобрите ги награди.
Во следниот петок и сабота (11 и 12 ноември) се одвиваа активности за учениците од петто до девето одделение. Се натпреваруваа во изведување експерименти и демонстрации во рамките на биологија, географија, предметот природни науки, физика и хемија. Учениците од осмо и деветто одделение ги тестираа своите познавања од природните науки. Истовремено имаа можност да се запознаат со лабораториите за изведување настава, експерименти и демонстрации на Природно-математичкиот факултет, како најстара високообразовна институција во Република Македонија каде се изучуваат природните науки.
Во периодот од 18 до 20 ноември, настаните беа организирани и прилагодени на средношколците, кои покрај можноста да присуствуваат на одредени предавања и да ги посетат просториите на ПМФ, ги тестираа своите познавања по природните науки. Посебен впечаток остави нивната инвентивност и посветеност во натпреварувањето со експерименти и демонстрации, каде дојде до израз нивната наклонетост кон некоја од природните науки, која можеби ќе биде и нивна идна животна определба.
Најдобрите беа наградени со диплома за освоено прва, втора, трета награда и успешно учество. Вкупно беа доделени 1700 сертификати, 280 дипломи и 30 благодарници.
Настанот предизвика интерес во академските кругови, медиумите и пошироката јавност. Покрај стручниот дел, неизоставно беше дружењето на учениците и наставниците од сите генерации.
Организаторите на настанот изразуваат посебна благодарност до домаќините на настанот Skopje City Mall, Cineplexx, игротека Имагинариум и спонзорите Арс Ламина и Zepter Македонија кои придонесоа кон успешно реализирање на активностите предвидени во програмата на манифестацијата.
Искрено се надеваме дека активностите од овој карактер ќе придонесат кон отстранување на стереотипните погледи кон природните науки и поттикнување на интересот кај младите генерации за нивно изучување. Токму затоа, организаторите имаат намера овој настан да продолжи да се организира и во годините што следат.
Довидување до ноември 2017 година.
Автор на текстот: проф. д-р Билјана Апостоловска Тошевска
Претседател на Македонско географско друштво