3 November 2024
Архива

Убавините на Сребрено Езеро во близина на Пожаревац

оригинално објавено на: 21.06.2013

Сребрено Езеро е езеро на десниот брег на реката Дунав и претставува нејзино некогашно речно корито, кое денес е затворено со две брани. Се наоѓа на подрачјето на Браничевскиот округ во источна Србија, на два км од Велико Градиште. Оддалечено е 110 км од Београд и само 35 км од прекрасниот град Пожаревац. Името го добило поради тоа што во попладневните часови кога е сончево време се јавува интересна сребреникава рефлексија на водната површина. Самото езеро е во широката долина на Дунав, опкружено со ридови од северната, јужната и западната страна. Устијето на реката Пек во Дунав, познато по својот обратен тек за време на висок водостој, се наоѓа јужно од езерото. Сребрено езеро има неправилен лачен облик и зазема површина од 4 км кв.

Слика 1.

Просечната ширина на езерото изнесува 300 м, додека просечната должина изнесува 14 км. Се наоѓа на надморска височина од 70 м и длабоко е 8 м. Поради чистата околна средина водата е бистра, а дното е покриено со многубројни песочни дини. Езерото е богато со слатководни риби како што се: амур, шаран, сом, штука и останати.

Слика 2.

Во близина се и историски наоѓалишта на средновековни градови-тврдини и други културно-историски споменици:  Голубачки Град, Рамска тврдина, Виминациум, Смедеревска тврдина, Трајанова табла, Лепенски вир и националниот парк „Ѓердап„ кој плени со својата убавина. Тврдината во Голубац е можеби најинтересна и доста сочувана. Од повисокиот дел и бројните кули на оваа тврдина се протега поглед кон територијата на Романија и кон широкото корито на реката Дунав. Веќе постои проект за целозна реставрација на тврдина која потекнува од 14-тиот век и има извонредно културно историски значење. Во близина на Сребрено Езеро е и еден интересен извор познат како Хајдучка вода.

Слика 3.

Сребрено Езеро е популарна туристичка дестинација за одмор и риболов, но во последно време, освен локални привлекува туристи и од поширокиот простор на Србија, а често доаѓаат и странски туристи. Во неговата околина се наоѓаат познатиот хотел „Сребрено Езеро„, неколку викенд населби со модерни објекти како и најголемиот авто-камп во Србија. Некои луѓе поради се поголемата популарност ова езеро го нарекуваат дури и Српско Море. Во тек е изградба на Ултра модерниот Silver lake resort, кој ќе биде преполн со конгресни, спортски, туристички и рекреативни содржини и ќе се протега на преку 300 хектари.

При моите посети на ова езеро, посебен впечаток ми оставија околните паркови и шуми, прекрасно уредениот простор, бројните туристи и излетници, прекрасните викендички со посебен стил, а пред се убавината на самото езеро. Инаку, поради пријатната температура на водата во текот на летото, често езерото се користи за капење и разладување од летните горештини.

Подготвила: Стефани Стојановиќ