Убавините на Пелистер
оригинално објавено на: 22 Nov 2011
Планинскиот масив Пелистер е типичен хорст издигнат долж повеќе раседи кои го одделуваат од Пелагонија и Преспанската котлина. Денешното издигнување на масивот изнесува 6 милиметри годишно. Со оглед на тоа што примарната структура на Пелистер претставува батолит, голем дел од карпестите маси се претставени со магматски карпи, пред се гранити и гранодиорити.
За да ги доживеете со свои очи убавините на Пелистер потребна ви е желба и пред се добра кондиција. Мојата омилена тура започнува од Нижеполе. Тоа е село сместено во подножјето на планината, до каде можете да стигнете со возило. Од тука патот, води низ терен без шумска вегетација, а попатно има по некое изворче за да ја изгасите жедта. По околу 2 и пол часа пешачење и искачени повеќе од 1.000 метри висинска разлика, пред вас ќе се појави прекрасното Големо Езеро, сместено во еден цирк. Според постанокот ова е глацијално езеро и е резултат на плеистоцената глацијација која ги зафатила овие простори. Со оглед на големата надморска височина (2.200 метри) не ретко можете да сретнете снег и мраз дури и во летните месеци јуни и јули. Веднаш до самото езеро се наоѓа планинарски дом, кој воедно е дом на најголема надморска височина во Македонија. Ноќевањето на ова место претставува посебно доживување.
Турата продолжува рано наутро, а следна цел е врвот Пелистер (2.601 м.) до каде се потребни околу 3 часа пешачење. Патеката кон врвот води по сртот, се минува над еден фосилен цирк и следи Малото Езеро. Димензиите и длабочината на ова езеро се значително помали споредено со Големото, а водата е нешто потопла. И конечно врвот Пелистер или “Антена” како што милуваат да кажат битолчани, а и името Димев врв (по Димитар Илиевски – Мурато, легендата на македонското планинарење и првиот македонец кој го освоил врвот на светот) е често употребувано. Од самиот врв има што да се види. На едната страна ја имате цела Пелагонија на дланка, а од другата страна Преспанското езеро со Галичица во позадина. Долго задржување на врвот не е препорачливо, па така по малиот одмор и пауза за ручек се тргнува во правец на планинарскиот дом Копанки. Делот од патеката кој води по сртот е по малку опасен и треба многу да се внимава, а движејќи се по голите карпести маси од гранодиорити се минуваат врвовите Илинден и Стив. На овој дел од масивот се забележуваат камени реки, значајна периглацијална појава која на Пелистер е мошне репрезентативна и претставува реткост за Балканскиот полуостров. Спуштајќи се кон Копанки, некаде под 2.000 метри надморска височина започнува и шумската вегетација – претставена со петоигличниот бор Молика. Од врвот до овој планинарски дом (на околу 1.600 метри н.м.в.) има не повеќе од 4 часа. Овде е предвидено второто ноќевање. Овој планинарски дом е на прекрасна локација, опкружен со шуми, а условите во домот се солидни. Кога домот е полн, секако и дружбата во вечерните часови е неизбежна, па сите се собрани во салата и дискутираат на најразлични теми, гледаат ТВ или едноставно уживаат во планинскиот чај.
Наредниот ден турата завршува, а такси за Битола можете да фатите од пред хотелот “Молика” кој е оддалечен 25 минути пешачење од домот, а секако оние кои сакаат уште да пешачат и да заштедат има можност да се спуштат до селото Магарево, кое се наоѓа во подножјето на Пелистер.
Овој национален парк е воедно и еден од најубавите предели во Република Македонија, секогаш интересен како од географски и биолошки аспект така и за планинарите, љубителите на природата, скијачите… Ако некогаш имате можност да го посетите Пелистер не се двоумете, затоа што само така можете да ги запознаете убавините на Македонија.
Пишува: Александар Кирковски