7 November 2024
АрхиваГеовести

Туризмот во групата на најбрзо растечките индустрии на 21 век

оригинално објавено на: 16 Jan 2012

Врз основа на проценките на развојот на светската економија во текот на 21 век приоритетно место ќе имаат три индустриски сектори и тоа: информатичката технологија, телекомуникациите и туризмот.

Туризмот претставува сложена општествена, економска, културна и просторна појава и еден од најкарактеристичните глобални феномени. Улогата и значењето на туризмот е огромно, затоа што тој ја храни државната економија, го стимулира развојниот процес, го оживува природното и културното наследство, помага во одржување на меѓународниот мир и разбирање помеѓу народите и допринесува за национална интеграција на луѓето кои живеат во различни делови од земјата со различна култура, јазик и сл.

Tуризмот претставува една од најдинамичните економски појави на денешницата и еден од генераторите на вкупниот развој. Oваа услужна дејност учествува со околу 5 % од вкупниот БДП на светската економија. Една од  главните карактеристики на туризмот е неговата способност за апсорбирање на голема работна сила, така што учеството на овој сектор се движи помеѓу 6 – 7 % од вкупниот број на работни места на светско ниво. (UNWTO, Tourism Highlights, 2011 Edition).

Динамиката и трендот на раст посебно се видливи во делот на интернационалните туристички движења. Па така, бројот на туристи кои се вклучени во меѓународните туристички движења има тенденција на постојан пораст, односно од 25 милиони во 1950 година до 435 милиони во 1990 година и до 940 милиони туристи во 2010 година. Во сите региони и субрегиони во светот постои континуирано зголемување на интернационалните туристички движења што може да се види од следниот графикон.

Графикон 1. Интернационални туристички движења по (суб) региони, во милиони

Tуризмот претставува една од најдоходовните гранки, изразено преку приходите од меѓународните туристички движења во светот, кои се во постојан пораст.

Табела 1. Приходи од интернационалните туристички движења во светот, во милијарди

Денес, за туризмот се даваат повеќе перспективи врз база на кои се оценува дека тој ќе претставува профитабилна и водечка економска гранка како за развиените земји така и за земјите во развој. Во контекст на ова, Светската туристичка организација има направено долгорочна прогноза за развојот на туризмот до 20 – тите години на 21 век, во која се очекува до 2020 година да се реализираат околу 1,6 милијарди интернационални туристички доаѓања (пристигнувања), од кои 1,2 милијарди ќе бидат интрa – регионални, а 378 милиони ќе бидат интер – регионални.

Графикон 2. Визија за развојот на туризмот до 2020 година
Извор: World Tourism Organization (UNWTO)©

Ваков динамичен тренд на раст не се предвидува речиси во ниту една друга економска гранка, со што само се потврдува фактот дека туризмот ќе се декларира како една од набрзо растечките индустрии на 21 век.

Автор: д-р Дејан Илиев, Институт за географија, ПМФ – Скопје