27 March 2025
АрхиваСвет

“ТРИ КЛИСУРИ” – Најголемиот хидроенергетски објект во светот

оригинално објавено на: 29.11.2017

Хидроелектраната „Три Клисури“ претставува најголемиот хидроенергетски објект во светот, изграден на р. Јангцекјанг во Народна Република Кина. Со вкупна инсталирана моќност од 22500 MW и годишно производство од 103.1 ТW електрична енергија во 2016 год, ја вбројува Кина во земјите со значително производство на обновлива енергија, задоволувајќи 11% од потребите на енергија на најбројната земја во светот. Бројното население и брзиот раст на економијата на Кина доведe до зголемена потрошувачка на електрична енергија, принудувајќи ги властите да го започнат најголемиот хидроенергетски проект. Иако градбата е започната во 1994 година, последната турбина е инсталирана во 2012 година, со што целосно е заокружужена изградбата на браната. Вкупно се инсталирани 32 турбини, при што секоја има моќност од 700 MW и две турбини со моќност од 50 MW, само за споредба, вкупната инсталирана моќност на хидроелектраните во Република Македонија изнесува 554 MW. Целокупниот буџет за изградбата на „Три Клисури“ изнесува 37 милијарди долари. Проектот вклучува брани, станици за испумпување на вода, тунели и канали за пренасочување на повеќе од 45 милијарди m3 вода годишно во должина од околу 1600 km.

Слика 1.

Изградбата на ХЦ „Три Клисури“ придонесе бројни позитивни економски и енергетски предности, овозможувајќи производство на т.н. „зелена енергија“, намалувајќи го ископот на јаглен во Кина за околу 31 милион тони на годишно ниво и намалено испуштање на стакленички гасови за околу 100 милиони тони.

Но покрај позитивните погодности, самата хидроцентрала има и бројни негативни аспекти. Како последица на изградбата на централата, поплавена е површина од 1.084 km2, акумулирајќи 39,3 km3 водна маса. Истовремено се поплавени 13 поголеми градови, 140 помали градски населби и околу 1.600 села, 1.300 археолошки места, при што се преселени над 1,3 милиони луѓе, додека во следниот период се очекува принудно да се преселат дополнителни 4 милиони луѓе.

Слика 2. Споредба меѓу 1990 год. (горна слика) и 2017 год. (долна слика).

Освен социјалните негативни последици, „Три Клисури“ има огромно влијание врз животната средина. Пред се е променет природниот тек и режим на р. Јангцекјанг, на повеќе локации покрај вештачката акумулација е забележана интензивна ерозија и лизгање на земјиштето, акумулирање на значително количество на седиментен материјал веднаш до браната, при што се зголемува ризикот за оштетување на истата. Со прекин на таложењето на седиментниот материјал низводно, негативно се одразува врз земјоделството, будејќи се прекинува природното наѓубрување на почвата, па поради тоа е зголемена употребата на хемиски ѓубрива. Вештачката акумулација има голема улога врз микроклиматските услови во котлината, што влијае врз целокупниот биодиверзитет во регионот, каде се загрозени различни ендемични организми. Дополнително, за време на изградбата, се обесшумени речиси 6.000 km2 шумски простор и се минирани бројни локации.

Во предвид се зема и податокот дека локацијата на хидроцентралата е едно од најактивните сезимички подрачја во Кина. Доказ за тоа е земјотресот во провинцијата Сечуан во 2008-ма година со магнитуда од 8 степени според Рихтеровата скала, предизвикувајќи бранување на водната маса и забележани пукнатини на одредени делови на браната и околното земјиште и одрони на земјиште.Покрај огромниот енергетски потенцијал на „Три Клисури“, хидроелектраната ги намалува појавите на поплави предизвикани од реката Јангцекјанг. Голема предност претставува и можноста за наводнување на значителни површини на обработливо земјиште, како и планови за водоснабдување на северните суви региони во Кина. Со ова се согледува големото значење на хидроцентралата во развојот на Кина, но и претставува основа за идни проекти за изградба земајќи ги во предвид сите позитини и негативни аспекти од браната „Три Клисури“.

Слика 3.

Користени извори:

www.businessinsider.com

www.internationalrivers.org

www.large.stanford.edu

www.wikipedia.org/wiki/Three_Gorges_Dam

www.elem.com.mk

Изработи: Арсе Кузманоски