22 January 2025
АрхиваСвет

Торе Давид – Венецуела, уникатен пример на вертикална дива населба!

оригинално објавено на 9.01.2017

Неформалните населби или „сламовите“ се најчесто запуштени делови на градовите, вообичаено со голема густина, во кои условите за живеење и престој во нив се многу лоши. Торе Давид е суштински репрезент на неформална населба, но по својата форма се наметна како уникатен пример на вертикален „слам“ на глобално ниво.

Самиот објект претставува недовршена 45-катница (трета по висoчина зграда во Венецуела), која требало да биде деловна зграда, во Каракас. Објектот се градел до 1994 година, кога поради склоп на околности останува напуштен. Во такви услови опстојува како напуштено градилиште до 2008, кога постепено прераснува во импровизиран дом на заедница со околу 1200 семејства. Во оваа хетерогена структура, голата конструкција на објектот е базичниот простор во кој секое семејство со свое „креативно решение“ го дефинирало својот дом, како дел од целината. Индивидуалните интервенции создаваат слика на мозаик, простор кој е во постојана адаптација и менување. Феноменот во целата ситуација е што во создадениот контекст корисниците успеале да воспостават свој ред, заеднички вредности, физичка и социјална организација. Во конгломератот од содржини се појавуваат и импровизирани лекарски ординации, продавници, сервиси и сл.

Појавата е атипично соединување на легална структура со нелегална адаптација на просторот, спонтано инициран со „bottom-up“ пристап, како ефикасно решение кое го користи потенцијалот на создадените можности во моментот. „Bottom-up“ пристап или пристап „од долу кон горе“ подразбира акција како спонтано дејство во средината и произлегува од самата средина и нејзините потреби, не водејќи сметка за околината и легислативата. Акцијата во овие случаи е прилагодена и најаефикасна за задоволување на потребите на жителите. Слабата точка на овој пристап е што тој најчесто не ги почитува ограничувачките фактори од аспект на регулативата, поради што доведува до ситуација постигнатото да неможе да се стави во законска рамка и да се регулира правниот статус, со што и практично се потврдува ранливоста и несигурноста кај жителите.

Додека некои го сметаат Торе Давид како неуспешна инвестиција од областа на недвижностите, во 2011 година го иницира како лабораторија за проучување на вертикалните неформални населби/сламови, како и можните интервенции за одржливост и адаптабилност на системот. „Оваа заедница неможе да се смета за криминална појава, ниту пак за романтична утопија. Торе Давид е едноставно зграда обземена од комплексноста на градот“.

Еден од заклучоците до кои доаѓа е дека иднината на урбаниот развој лежи во соработката помеѓу архитектите, приватните иницијативи и популацијата на сламовите. упатува повик до архитектите да го видат потенцијалот за иновации и експериментирање во неформалните населби низ светот, со цел да се стави архитектурата во функција на поправедна и одржлива иднина. Овој институт работи и на конкретни инфраструктурни проекти на објектот, обезбедува средства за електрична и водоводна инфраструктура и сл. верува дека решението не е во рушење на постојните објекти и изградба на нови, туку на поефикасно, стратешко и посоодветно користење на постојните капацитети, за да се одговори на потребите кои се во постојано менување. Ова може да се постигне со повторна употреба и рециклирање, или обезбедување поддршка и визија на жителите кои се ангажирани во ваквите процеси.

Во 2012 година, за нивната работа во Торе Давид добиваат златен лав на Биеналето на Венеција.

Но, следуваат нови премрежја за жителите на Торе Давид. Со одлуката на владата на Венецуела од 2014 година да го трансформира Торе Давид во комерцијален деловен центар, иднината на неформалната заедница станува многу неизвесна. Станува збор за „операцијата Замора“ со која во периодот јули 2014-јуни 2015 година семејствата со помош на полицијата се иселени и префрлени во нови објекти изградени како проект на владата за социјално домување, во мало гратче оддалечено 50-тина километри од Каракас.

Ова подига жестока јавна дебата во јавноста, при што владата се изјаснува дека во намерата за трансформирање на објектот не е водена од комерцијални причини, туку од хумани, за подобрување на условите за живот на жителите. Иако навистина условите во новите домови се многу подобри од претходно, во побезбедна околина, тие факти сами по себе не сугерираат дека резултатот од преселбата значи позитивен исход за семејствата. Ова пред сè се однесува на веќе воспоставените социјални мрежи и поврзаноста на заедницата со градот, како потенцијал за вработување. Искуството од претходни слични проекти укажува дека ваквите нагли промени не само што внесуваат голем стрес, туку и ја влошуваат економската состојба на засегнатата популација. За реално да се согледа ефектот од владината социјална мерка ќе биде потребна временска дистанца, како предуслов за квалитативна анализа на состојбата на семејствата после промената.

Латинска Америка во периодот од изминатите 60 години доживува рапиден урбан развој. Како резултат на тој интензивен и хаотичен процес четири-петини од населението живее во урбаните средини. Прогнозите се дека до 2050 година 90% од населението ќе живее во градовите (во Бразил до 2020 година). Поразителен е фактот дека денес околу 50% од популацијата во градовите живее во сламови. Справувањето со оваа состојба е всушност еден од најголемите предизвици со кој се соочуваат земјите во развој, како најефектирани.

Вертикалните сламови, не се најчеста форма во која се јавуваат неформалните населби, но како појава се евидентирани во различни амбиенти. Поврзани се секогаш со постојна структура (најчесто легална) која од различни причини доживува трансформација во начинот на употреба и користење. Торе Давид е случај на нелегална окупација на легално изграден простор, но тоа е само еден пример кој може да егзистира изолирано во скоро секоја средина, а всушност не е типичен репрезент на вертикалните сламови. Чести примери на вертикални сламови се блоковите на резиденцијални објекти во земјите од поранешниот источен блок-источна Европа и централна Азија. Изградени како големи структури за социјално домување, после трансформацијата на државниот и општествениот систем, после период од повеќе од две декади се во состојба на влошена статичка стабилност и несоодветен пристап до основните комунални услуги. Главната причина за лошата состојба е неодржувањето на објектите, односно отсуство на модели за управување со одржувањето на инфраструктурните системи и заедничките делови.

Во овој контекст и нашата земја може да се вброи како поднебје во кое егзистираат објекти во слични состојби. Примери на неформални населби од размерот на Торе Давид нема кај нас, но има случаи на нелегална окупација и трансформација на делови од постојни објекти и нивно надградување и доградување. Овие секвенци на вертикална дива експанзија во просторот не претставуваат групации кои би можеле да се карактеризираат како индивидуални неформални населби, туку најчесто како изолирани структури.

Користени извори:
http://www.archdaily.com/530345/urban-think-tank-responds-to-the-forced-eviction-of-torre-david-residents (accessed 28.12.2016)
www.u-tt.com (accessed 25.12.2016)
www.torredavid.com (accessed 20.12.2016)

Автор: м-р Маја Лазаревска, докторант на Институтот за географија