Типологија на државите според обликот на државното уредување
Според територијалната дистрибуција на власта, државите се делат на три главни типови: унитарни држави, федеративни држави, и конфедерации.
Унитарни држави
Придавката „унитарна“ и „федеративна“ држава ги покажуваат функциите на централната власт.Во унитарниот концепт, постои единствен орган за управување и носител на суверенитетот. Унитарните држави имаат еден устав, единствен правен систем, единствен управен центар, вертикално-хиерархиска структура на владините институции, и повеќестепена административно-територијална поделба. Денес, огромно мнозинство на држави во светот се унитарни држави.
Федеративни држави
Федерациите имаат јасно дефинирана поделба на законодавната власт на централно и локално ниво. За разлика од унитарните држави, каде што централната ја извршува својата власт подеднакво на целата територија на државата, во федеративните држави, централната власт е надлежна само за работи од општ државен интерес и карактер (армија, дипломатија, валута, пошта, комуникации и слично). Субјектите на федерацијата имаат сопствен судски систем, фискален систем, главен град, сопствен буџет, и се претставени во централните органи на власта. Примери за федеративни држави се: САД, Русија, Канада, Бразил, Индија, Германија, Швајцарија, Босна и Херцеговина и други. Федеративните држави се помалку на број, но зафаќаат огромна територија. Четири од првите пет најголеми држави во светот се федеративни држави.

извор: wikimedia.org
Конфедерации
Конфедерацијата претставува сојуз, заедница или унија на повеќе држави. Примери за конфедерација имало низ историјата – сојузот на грчите градови држави во антиката, средновековните лиги на германски, белгиски и италијански градови. Конфедерација биле и: Швајцарија од 1291-1849, Холандија од 1579-1795, Германија од 1815 до 1864, САД од 1776-1787. Од современото доба, има еден еклатантен пример за конфедерација како консолидирана држава – Сенегамбија (1981-1989) – денес две засебни независни држави – Сенегал и Гамбија. Конфедерации во вистинска смисла на зборот веќе нема, но има низа примери за регионални и меѓународни сојузи и интеграции.
Литература:
Грчиќ, Мирко (2000): Политичка географија, Географски факултет Универзитета у Београду
Мијалов, Ристо (2010): Политичка географија, Скрипта за интерна употреба, ПМФ, Скопје
Крстаноски, Миладин (2010): Oснови на право со туристичко право, Универзитет „Св. Климент Охридски“
Подготвил: доц. д-р Горан Китевски