ТЕРЕНСКА НАСТАВА НА ИНСТИТУТ ЗА ГЕОГРАФИЈА РОМАНИЈА – БУГАРИЈА 2024
23.05.2024
Во периодот од 13-ти до 16ти мај во организација на Институтот за географија при Природно математичкиот факултет во Скопје, беше организирана теренска настава во Република Романија и Република Бугарија.
Во теренската настава беа вклучени студентите од сите студиски години и студиски програми на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Теренската настава организациски и научно беше предводена од колективот на Институтот за географија во кои беа вклучени – проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Олгица Димитровска, проф. д-р Свемир Горин, проф. д-р Иван Радевски, доц. д-р Владимир Златановски, м-р Емилија Маневска и м-р Арсе Кузманоски, а како почесен гостин беше проф. д-р Никола Димитров од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Првиот ден теренската настава, се одвиваше на релација Скопје – Букурешт. Попатно на студентите им беа одржани предавања за природно-географските карактеристики на Република Романија и гланиот град Букурешт. По пристигнувањето во Букурешт, се спроведе панорамско разгледување на градот со локален водич каде беа посетени бројни знаменитости во градот, како што се: Плоштадот на револуцијата; Националната опера; Воената академија, Триумфалната капија, Палатата на Парламентот – најголемата административна зграда во Европа, патријаршијата итн.
Вториот ден теренската настава продолжи со посета на градовите Синаја, Бран и Брашов во регионот на Трансилванија. Попатно студентите беа запознаени со “Влашката низина” една од поголемото рамничарски регии на територијата на југоисточна Европа, сместено во долниот дел на течението на реката Дунав.
Беше посетена и клисурата на реката Прахова на Карпатите како дел од паралелниот речен систем леви притоки на реката Дунав. При патувањето кон градот Синаjа, студентите имаа прилика да ги видат јужните Карпати кои се простираат во централниот дел на Романија. Карпатите како планински масив доминираат во Романија каде 14 врвови се повисоки од 2000 m.
По пристигнувањето на градот Синаја, беа посетени градините на дворецот “Пелеш”, еден од најубавите дворци во Европа, кои биле некогашна летна резиденција на романските кралеви.
Попатно студентите беа информирани со стручни предавања во врска со регионите низ кои поминувавме со појаснувања за карактеристиките на разни инфраструктурни објекти. Теренската настава продолжи кон посета на градот Бран, така што беше посетен замокот на Дракула кој бил изграден во XIV век. Замокот е под заштита на “UNESCO”.
Патувањето продолжи кон градот Брашов, лоциран во централниот дел на Романија во регионот Трансилванија. Градот со својата уникатна архитектура претставува автентичен и историски центар на регионот Трансилванија. Следуваше разглед на стариот градски центар во кој се наоѓа и познатата Црна Црква од XIV век, која е воедно и најголемата готска црква во југоисточна Европа.
На последниот ден од теренската настава, попатно беше посетен градот Русе во Република Бугарија, кој што е најголемо речно пристаниште на реката Дунав. Тука реката Дунав има широчина поголема од 1 km. и според податоците на водомерната станица во градот Русе има просечен протек од 6500 m3/s.
На теренската настава беа одржани бројни научни и стручни предавања од професорите кои беа поврзани со природно – географските карактеристики и социоекономските одлики на локалитетите кои беа посетени. Студентите имаа можност да ги посетат сите географски значајни простори во Романија и Бугарија.
Теренската настава беше оценета како успешно реализирана од страна на професорите но и од страна на студентите кои покажаа сериозен, научен и културен пристап на теренската настава.
Автори: м-р Емилија Маневска,
м-р Арсе Кузманоски