Теренска настава до Тиквешкото Езеро предводена од ИЗСГ Природник (Егеа Скопје)
оригинално објавено на: 17.03.2013

Од 8 до 10 март, ИЗСГ Природник (Егеа Скопје) организираше теренска настава на Тиквешкото Езеро. И овој пат со нов предизвик и ново место, а како наше ново стационарно место беше една викендичка на западниот брег од Тиквешкото Езеро. Поточно локацијата на викендичката се наоѓа во заливот на реката Дреновица, во северниот дел од Тиквешкото Езеро. Локација која години наназад ги примамува Кавадарчани па и пошироко, па затоа од година во година се повеќе изникнуваат нови викендички.
На оваа 2 – ра по ред теренска настава во учебната 2012/13 година (вкупно 41 – ва теренска активност), присуствуваа вкупно 17 студенти и членови на ИЗСГ Природник, а покрај нас, бевме прудружени од нашата домаќинка Душица. Новата авантура започна од автобуската станица во Скопје, од каде со автобус се упативме кон Кавадарци. Околу 11 часот пристигнавме во градот, во кој имавме доволно време да се запознаеме со неговите карактеристики. Патот кон вештачката акумулација Тиквеш, го продолживме со едно комбе, притоа најпрво се движевме по регионалниот пат Кавадарци – Прилеп, а кај селото Возарци скршнавме и се упативме кон браната Тиквеш. Од браната Тиквеш патот го продолживме пеш кон заливот Дреновица. Од таму со чамец преминавме на другата страна од езерото, каде се наоѓаше викендичката на нашата домаќинка. Од кога се сместивме, по желба го разгледавме околниот терен. Вечерта беше одлична прилика за запознавање и дружење со новите членови. Утре дента најпрво станавме кај 9 часот, а по појадокот, се упативме на една прошетка по локалниот терен. Првично имавме замисла да направиме една обиколка до селата Шешково, Добротино и врвот Свитиље, но бидејќи прв пат се соочуваме со овој терен, се одлучивме да го посетиме само селото Шешково. Петем кон селото Шешково се движевме паралелно со една рекичка од сливот на реката Дреновица. Рекичка, на која забалежавме неколку водопади и слапови, кои беа 50 – тина метри испод нас, па се спуштивме до нив. Најголемиот водопад имаше височина од околу 6 – 7 метри. Од како ги фотографиравме, патот го продолживме кон ридот ,,Тумба‘‘, на кој излеговме на колски пат, кој не водеше директно кон селото Шешково. Пред самото село забалежавме спомен плоча на борците од 41 – та Македонска девизија во Втората Светска Војна. Од како наполнивме вода од селската чешма, дознавме дека ова мало село има околу 15 – тина постојани жители, кои и во 21 – век сеуште мака мачат со неасфалтираниот пат! Бидејќи временските услови се влошија немавме многу време и се упативме назад. Околу 500 метри испод селото почна да врне дожд, кој по 10 – тина минути престана. Оваа прошетка траеше околу 5 часа, а на истата поминавме околу 8 кm. Вечерта ја зачинивме со уште една незаборавна гео забава. Утрото следеше рекреативно разгледување на локалниот терен. Околу 12 часот се упативме кон градот Кавадарци. По групниот ручекот си заминавме презадоволни со желба повторно да се вратиме во овој крај.







Изразуваме голема благодарност до нашите колешки од Кавадарци, Јована Д. и Елеонора Ѓ, до нивната пријателка Душица М, која ни овозможи престој во нејзината викендица, како до организаторите Ивана М. и Боби С, и сите останати кои придонесоа овој терен да биде запамтен како еден од најдобрите, ВИ БЛАГОДАРИМЕ!
Напишал: Дарко Стојчески