Теренска настава до селото Папрадиште, предводена од ИЗСГ Природник
оригинално објавено на: 11.3.2015
По подмладувањето на ИЗСГ Природник (ЕГЕА Скопје), новиот управен одбор го организираше својот прв терен во велешското село Папрадиште. Организатори на ова патување беа подпретседателот Симона Божиновска и благајникот Магдалена Димитриевска. Теренската настава се одржи од 06.04.2015год. до 08.04.2015год.
Присуствуваа 14 студенти, тројца дипломирани географи, и двајца гости од Република Чешка. Новиот терен го започнавме од железничката станица во с.Богомила каде со такси се упативме кон с.Папрадиште, а таму не дочека снежна прекривка која на сите ни го поддигна расположението. Се сместивме во планинарскиот дом во селото. Теренската беше проследена со неколку активности. Во селото го посетивме манастирот Св. Петар и Павле, една од притоките на реката Бабуна и карпата со познатата легенда за стапалото на македонскиот херој Крале Марко. Дипломираниот географ Дарко Стојчески ни одржа кратко предавање за масивот, животинскиот и растителен свет на планината Мокра (Јакупица). Во вечерашните часови се забавувавме со македонска музика, и уживавме во звуците на гитарата. Во рамки на теренската настава, имавме подготвено географски квиз од нашиот колега Дарко, а како водител на истиот беше нашата колешка Магдалена. Натпреварувањето беше организирано во четири екипи со по четири членови, а истото се состоеше од пет категории на прашања. Секоја од категориите имаше свои засебни прашања, кои беа на најразличен начин објаснувани. Притоа, во првата категорија имавме општи географски прашања на кои беа понудeni повеќе одговори.
Втората категорија беше организирана со брза географија на која се натпреваруваа екипите. Третата категорија беа прашања со асоцијација, четвртата категорија беше пантомима, а последната категорија беа прашања за Република Македонија. Последниот ден од теренската, една група се спушти до с.Богомила со такси, додека пак другата група имаше желба да попешачат и да ја разгледаат околината. Нашите гости од Р.Чешка беа воодушевени од нашите високи планини, и старата архитектура на куќите во селото. Имавме доволно време па прошетавме и во с.Богмоила, ја посетивме црквата Св. Атанасие а потоа седнавме во ресторан близу училиштето на вкусна македонска храна по многу пристапни цени. Потоа се качивме во возот задоволни и полни со импресии и со голема желба да раскажеме колку убаво сме си поминале на овој терен.
Напишале: Симона Божиновска и Магдалена Димитриевска