Теренска настава до Китка, предводена од ИЗСГ Природник
оригинално објавено на: 4.4.2016
Новиот управен одбор на ИЗСГ Природник или Егеа Скопје, го организираше својот трет терен на планината Китка. Теренската настава беше реализирана во период од 25.03.2016 год. до 27.03.2016 год. Присуствуваа 12 студенти, од кои тројца дипломирани географи и тројца дипломирани туризмолози. Нашата идеја беше да ја посетиме планината Китка која се наоѓа југоисточно од Скопје.
Имено, авантурата започна во претпладневните часови, каде со автобуски превоз стигнавме до населба Драчево каде не чекаше организиран превоз. Нашата цел за овој терен беше да имаме малку поинакво доживување со тоа што за прв пат не бевме сместени во планинарски дом, туку во дрвени викенд куќички кои се лоцирани кај самиот дом. Откако пристигнавме се распакувавме и тргавме на кратка прошетка и разгледување на околината. Таму не дочека прекрасен пејсзаж покриен со снежна прекривка. Во вечерните часови се поделивме во групи и се натпреварувавме на географски квиз кој го имаше подготвено нашиот колега Тоше Столески. Квизот се состоеше од општи географски прашања, брза географија, асоцијација, пантомима и прашања за Р.Македонија. Вториот ден ни беше предвидено кратко планинарење, наша цел беше да се искачиме до еден карпест врв, а попатно направивме мал одмор на еден понизок врв од каде убаво можевме да ги видиме врвот Лисец, Солунска Глава, планината Убава и Караџица.
Потоа се вративме во викендицата каде подготвувавме ручек. Во вечерните часови, традиционално се одржи натпревар во БДЦ. Третиот ден, по ручекот имавме можност да искусиме нешто многу поинакво, домаќините на домот ни овозможија кратки часови по јавање на коњ. Веќе во попладневните часови ја напуштивме прекрасната снежна идила, се упативме кон дома сите задоволни, полни со импресии и со нетрпение чекајки го следниот терен. Организатори на овој мотивационен терен беа претседателот на друштвото Магдалена Димитриевска и потпретседателот Симона Божиновска.
Напишале: Магдалена Димитриевска и Симона Божиновска.