Теренска настава до Белград и планината Златибор
оригинално објавено на: 29 Novеmber 2012
Во периодот од 15 до 17.11.2012 година, со студентите од Институтит за географија – прва и втора година на насоката туризам, се реализира теренска настава на територијата на Република Србија. За време на теренската настава беа посетени повеќе локалитети кои имаат значајна улога за развојот на туризмот. Студентите се запознаа со карактеристиките и туристичките вредности на прекрасната планина Златибор, ги посетија етно селото во Сирогојно, Златибор, Дрвен Град и Мокра Гора. Исто така беше посетен и градот Белград, каде беше организиран прием за студентите и наставниот кадар на познатата реномирана институција Географски Институт Јован Цвијиќ и посета на Географскиот факултет –одделот за туризам. На овие институции студентите се запознаа со нивниот развој, структура и особено со научно-истражувачката и образовната дејност од областа на туризмот. Воедно со помош на проф. д-р Снежана Штетиќ беше разгледан градот Белград и неговите најзначајни туристички вредности. Така, студентите можеа директно, на лице место да ги осознаат дел од вештините кои се потребни за едно квалитетно туристичко претставување на еден голем град. Од наставниот кадар, на теренската настава учествуваа: проф д-р Мирјанка Маџевиќ (раководител на теренската настава), доц. д-р Милена Талевска, доц. д-р Дејан Илиев, м-р Марија Љакоска и м-р Христина Димеска. Воопшто, теренската настава претставуваше одлична можност за непосредно запознавање на студентите со некои туристички потенцијали, остварени резултати и севкупниот пристап кон оваа дејност во Република Србија.

Автор: Проф. д-р Мирјанка Маџевиќ