Теренска настава во околината на Кожуф и Кавадарци
оригинално објавено на: 15.05.2020
Учениците од Oсновното училиште „Стојан Бурчевски Буридан“ Иванковци-Велес и оваа учебна година реализираа теренска настава од рекреативно-едукативен карактер. Овој пат целта што си ја поставивме беше планината Кожуф и областа околу Кавадарци, со посета на повеќе географски објекти. Се разбира, за да ја реализираме успешно планираната теренска настава, клучна улога имаше и времето, каде што чекавме убав сончев викенд. На почетокот на oктомври тргнавме на нашето патување од с.Иванковци, Велешко и се упативме кон Кавадарци. Иако временската прогноза кажуваше едно, кога се искачивме на висорамнината Витачево (800-1000 m н.в.), јужно од Тиквешката котлина, прв кој што не пречека беше ситниот дожд, кој не пратеше се до село Мрежичко. Имено, ова село се наоѓа во општина Кавадарци, на 34 km од градот, во подножјето на планината Кожуф и блиску до граничната линија со Грција. Во ова село се наоѓаат и погоните на фабриката за производство на минералната вода Кожувчанка, каде што на наше задоволство бевме љубезно примени од стручни лица од фабриката, кои воедно ни овозможија одблиску да се запознаеме со процесот и технологијата на полнење на оваа вода. Срдечно им се заблагодаривме на тимот од Кожувчанка и откако го наполнивме автобусот со пакети минерална вода, се упативме кон детското одморалиште Михајлово, сместено во пазувите на преубавата планина Кожуф на надморска височина од околу 1200 m. Навистина одлична локација и топла препорака за секој љубител на планинскиот туризам.
Откако се одморивме, во попладневните часови имавме спортски натпревари од фудбал, одбојка, пинг-понг и сл. Во вечерните часови учениците имаа слободно време за дружење и забава. Наредното утро не разбуди прекрасното сонце кое се пробиваше низ густата борова шума. Следниот предизвик што требаше да го совладаме беше планинарење до самата гранична линија со Грција. После појадокот, одговорните наставници одржаа состанок со учениците, со насоки за однесување во планина. По неколку часовно одење низ шумски пат, стасавме на кота од надморска височина од 1600 m, односно до самата граница со Грција.
Иако учениците беа видно изморени, враќањето назад ни беше полесно, а истовремено и беа задоволни од успешно реализираната задача. Навистина пешачењето низ внатрешноста на Кожуф беше несекојдневно задоволство. После одморот, во вечерните часови имавме натпревар, во кој учениците добија и пригодни награди. Наредното утро наговестуваше прекрасен сончев ден, па така беше време да се одјавиме од одморалиштето Михајлово и да се упатиме кон нашата нова дестинација-Тиквешкото Езеро. Се поздравивме со домаќините кои направија да се чувствуваме како дома.
По еден час возење, стасавме на браната на Тиквешкото Езеро, учениците имаа кратко предавање од наставникот и имаа можност да набљудуваат и директно да се запознаат со географските објекти, кои ги учат во нивните географски учебници. После одличните фотографии коишто ги направивме, се упативме кон историскиот споменик во близина на селото Ваташа, во месноста Моклиште. Учениците пред споменикот имаа можност да слушнат предавање од наставникот за историските моменти кои се случувале во овој регион. Во попладневните часови направивме прошетка во градот Кавадарци низ централното подрачје и на враќање накај дома си ветивме дека наредната учебна година ќе продолжиме со нови планинарски авантури…
Благодарност до наставниците, родителите и учениците кои придонесоа во реализацијата на оваа теренска настава.
Подготвил: Трајче Недев – наставник по географија