Теренска настава во источниот дел на Република Македонија
оригинално објавено на: 27 May 2012
Во периодот од 22 до 24 мај се изведе тридневна теренска настава низ источна Македонија под раководство на проф. д-р. Драган Колчаковски. Теренска настава беше наменета за студенти географи кои го слушаат предметот Физичка географија на Република Македонија, а покрај географи на теренската учестуваше и мала група на биолози. Првично временските услови беа стабилни без врнежи од дожд, па така успеавме да ги посетивме базалтните плочи кај Младо Нагоричане (Куманово), додека кон Кокино временските услови се влошија и не успеавме да го посетиме тој локалитет. Не застанавме тука, продолживме кон Пробиштип, каде најпрво го посетивме рударскиот музеј, а потоа го разгледавме остатокот од градот. Следна дестинација ни претставуваше Лесновскиот манастир, а од таму продолживме кон Кочанско Поле, каде се сместивме во хотел. Вечерта еден дел од екипата го посети градот Виница.Вториот ден беше наменет за посета на крајниот источен дел на Македонија. Најпрво поминувајќи низ Кочанската Котлина, имавме можност за разгледување на оризовите полиња, потоа движејќи се низ импозантната Истибањска Клисура и долж Калиманското Езеро стигнавме до Делчево. По кратката пауза во Делчево се упативме кон Берово. Во Берово го посетивме манастирот Св. Архангел Михаил. По посетата на манастирот, преку планината Огражден се упативме кон Смоларскиот Водопад. Студентите освен убавините на Смоларскиот Водопад, имаа можност да ја запознаат планината Беласица. Од таму групата се упати кон последната дестинација од вториот ден, а тоа беше сместување во Хотел Банско. По вечерата во хотелот, дел од студентите отидоа во градот Струмица.

Последниот ден од оваа теренска настава беше наменет за посета на Колешинскиот и Габровскиот Водопад. По посетата на овие два прекрасни водопади, се упативме во хотелот каде после ручекот, заминавме на пат за Скопје. По патот за крај имавме можност да поминеме покрај рудникот Бучим како и да ја видиме маркантната вулканска купа Пилав Тепе. Во попладневните часови пристигнавме во Скопје.

Теренската настава беше одлична можност за запознавање на источниот дел на Република Македонија, како и прекрасна можност за дружење и споделување на искуства помеѓу студентите од двете природни науки биологија и географија

Подготвиле: Дарко Стојчески и Глигорије Џилвиџиев