Студенти од Институтот за географија добија сертификати од светскиот бренд HERE Maps
оригинално објавено на: 10.11.2015
Двегодишната соработка помеѓу Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и светскиот бренд HERE беше крунисана со доделување на Сертификати на учесниците. Доделувањето на сертификатите беше отворено од д-р Свемир Горин, по кој на студентите им се обрати г-дин Александар Тодоров, директор на HERE-Софија. Сертификати беа доделени на студентите од групата Географски информациски системи (ГИС) од студиите по географија на ПМФ. Во продолжение беше одржана презентација за компанијата HERE за студентите кои изразија желба да земат учество во следната работилница која ќе започне на почетокот на следниот семестар, односно на почетокот 2016 година.

Покрај овој свечен чин, студентите со неколкуте практични работилници, теренски активности, го заокружија нивното стекнување дополнителни сознанија од областа на географските информациски системи и глобалните навигациски сателитски системи, со посебен акцент на програмата Map Creator.
Соработката помеѓу Институтот за географија и HERЕ ќе продолжи и во следниот период со нејзино понатамошно продлабочување, при што покрај веќе постоечките активности, планирани се посети и престои за најдобрите студентите во седиштето на HERЕ во Софија.

Подготвил: д-р Горин Свемир