22 April 2025
LatestАктивностиСвет

Стефан Бужаровски избран за академик во Британија

Професорот Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер, по потекло од Македонија, е избран за член на Академијата за општествени науки на Обединетото Кралство.

Академијата е престижна струкова академија која ги соединува и претставува сите општествени науки во Велика Британија и Северна Ирска. Како врвен научен орган, во неа членуваат 48 професионални здруженија од сите релевантни области (социологија, политички науки, правни науки, и сл.).

Слика 1. Проф. Стефан Бужаровски

Проф. Бужаровски е номиниран за член на академијата од страна на Кралското географско друштво, кое е централна научна и наставна асоцијација од областа на географските науки.

Проф. Бужаровски има завршено додипломски студии на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по што се стекнал со магистерски и докторски звања на Универзитетот во Оксфорд. Автор е на над 150 научни трудови од областа на животната средина и просторното планирање, како и девет монографии издадени од меѓународни издавачки куќи. Во 2019 е прогласен за „Секојдневен херој“ од страна на Европската унија, за неговите заложби за борба против енергетската сиромаштија. Тесно соработува со Обединетите нации, ЕУ институциите, Светската банка, Меѓународната агенција за енергетика, и владини агенции ширум светот.

Линк до официјалното соопштение на Универзитетот во Манчестер:
https://www.manchester.ac.uk/about/news/five-manchester-experts-become-fellows/

Линк до официјалното соопштение на Академијата за општествени науки:
https://acss.org.uk/news/the-academy-of-social-sciences-welcomes-64-leading-social-scientists-to-its-fellowship/

Подготвил:
Проф. д-р Свемир Горин, редовен професор на Институт за географија