Со помош на LiDAR пронајден огромен изгубен град во Гватемала
оригинално објавено на: 06.06.2019
Гватемала е држава која се наоѓа во Средна Америка која зафаќа вкупна површина од 109,000 км кв. и има околу 13 милиони жители. На север и запад се граничи со Мексико, на северозапад со Белизе и на југоисток со Ел Салвадор и Хондурас. На југозапад излегува на Тихиот Океан, додека пак на исток излегува на Карипско Море. Главен град е Гватамела каде се зборуваат 23 официјални јазици. Гватемала е главно планинска земја, освен во јужниот дел каде доминираат низини. Планинскиот дел го сочинуваат два масиви кои ја делат државата на три региони. Највисока врв во Гватемала, но и во Средна Америка, е вулканот Тахумулко со 4.220 м. Гватамела изобилува со природни убавини, густа вегетација и богат растителен и животински свет.
Со оглед на густите тропски шуми со кои изобилува оваа држава и слабата патна мрежа, некои нејзини делови се сеуште непознати и недоволно истражени, односно не се знае што кријат истите. За таа цел, во почетокот на 2018 година “National geographic“ објави студија произлезена од повеќемесечни LiDAR скенирања на теренот. Практичноста на LiDAR технологијата е во тоа што ласерските зраци поминуваат низ шумската покривка до земјината површина, собирајки прецизни податоци за теренот. Покрај тоа, истиот користи ултравиолетов, видлив или блиску инфрацрвен спектар на светлина за креирање на ортофото-снимки кои може да се „налепат“ преку теренскиот модел. Податоците кои се собираат, автоматски се геолоцираат со придружниот ГПС уред кој е дел од лидарот.
Податоците добиени со скенирање на делови од Гватемала со LiDAR поставен на мал авион, покажале дека овој регион бил многу густо населен, со што се надминале сите предвидувања и претпоставки. Во овој проект биле мапирани околу 2100 км кв. во биосферниот резерват на Маите во регионот Петен. Резултатие покажале дека пред 1200 години, тука постоела развиена цивилизација. Овој археолошки подвиг претставува најголемото откритие на територијата на американските староседелски народи, во овој случај Маите. Истражувачите успеале да идентификуваат урнатини на повеќе од 60.000 куќи, палати, патишта и други градби кои биле скриени со векови под џунглата во северниот дел на Гватемала. Податоците и сликите на LiDAR истражувањата, покажале широки патишта кои ги поврзувале урбаните центри и каменоломите, потоа комплексни системи за наводнување и терасирање кои биле неопходни за интензивно земјоделство. Порано се претпоставувало дека во овој регион некогаш живееле најмногу до 5 милиони луѓе, но со новите податоци, се проценува дека тој број бил 10 до 15 милиони жители. Речиси сите патишта во градовите на Маите биле доволно широки, што покажува дека била развиена трговијата и другите форми на регионална интеракција. Овие патишта биле издигнати за да овозможат лесно поминување дури и за време на дождовните сезони. Во пределите каде што обично имало премногу или премалку врнежи, протокот на вода бил прецизно планиран и контролиран преку канали, насипи и резервоари.
Меѓу најинтересните откритија било присуството на одбранбени ѕидови и тврдини, кои сведочат за војувањето и истребувањето на цивилизациите.
Освен споменатите откритија, експертите претпоставуваат дека постојат уште 20.000 квадратни километри кои треба да се истражат и каде се очекува да се откријат остатоци од стотици стари градови кои не се познати до ден денес. Според екипата на National Geographic, со идентификување на овие локации можеби ќе се разбере кои се тие древни луѓе, каков бил нивниот живот, а со тоа ќе се подигне свеста за потребата од заштита на овој регион.
Извори:
news.nationalgeographic.com/2018/02/maya-laser-lidar-guatemala-pacunam/
www.unilad.co.uk/science/massive-ancient-lost-city-discovered-in-guatemala/
www.vice.com/en_us/article/ywqmq7/the-ruins-of-a-massive-ancient-city-have-been-discovered-in-guatemala
Изработил: Христијан Граороски
Стручна корекција: д-р Ивица Милевски