Синкве Тере – живописниот рај на Италија
оригинално објавено на: 21.10.2019
Италија! Земјата каде храната е вкусна, уличките тесни, кафулињата романтични а историјата е се уште жива. Шпагети, гласно зборување, изразени гестикулации, префинета музика и уметност. Вака најчесто се опишува Италија. Италијанската ривиера изобилува со нерамни брегови, романтични градчиња и селца, но петте риболовни заедници што се наоѓаат на западниот брег се нејзиното најуникатно обележје.

Синкве Тере (Cinque Terre) е дестинација од соништата, распослана на брегот на Лигурското Море. Тоа е едно од оние места што оставаат впечаток уште од првиот момент кога ќе ги видите на фотографија, а кога ќе ги посетите, сфаќате дека тоа што ќе го видите овде го има само тука, затоа што луѓето низ вековите внимателно изградиле еден свој свет и на ниту едно друго место нема нешто слично. Станува збор за 5 селца и тоа: Монтеросо, Вернаца, Корниља, Манарола и Риомаџоре (Monterosso al Mare, Vernazza, Corniglia, Manarola и Riomaggiore). Петте села не се повеќе изолирани населби како што биле некогаш, но сеуште преовладува она чувство на своевидна оддалеченост од модерниот свет во кој што живееме – тука населението како да живее во некој друг свет и во некое друго време. Селцата се карактеризираат со неколку локални патчиња, одлично зачувана средновековна архитектура и мрежа од восхитувачки брегови покрај морето испреплетени со неверојатна природа. Овие пет села претставуваат вистински рај и предизвикуваат големо задоволство за секој турист. Тие се лоцирани на нерамниот и стрмен Лигурски брег на Италија, западно од градот Ла Специја. Заради своето уникатно културно и историско богатство, од 1997 година се дел од светското културно наследство на УНЕСКО, а со цел подобра заштита, овие 5 села се прогласени за национален парк и заштитена приморска област.
Најлесен начин да стигнете и патувате помеѓу селата е со воз. Железничката линија што поминува по западниот брег на Италија ги поврзува сите пет села. Локалното население главно се занимава со одгледување на винови лози, маслинки, цитрусни овошја и секако со туризам. Иако до сите села може да се дојде со автомобил, ќе ви требаат челични нерви возејќи по тесните патчиња и барајќи соодветен паркинг. Синкве Тере е дестинација со безвременска привлечност и невозможно е да се види се во еднодневно патување. Навистина е оној вид на место што ја храни душата, без разлика дали започнувате со трпезариската маса во Вернаца, чаша вино во рака или слушате птици и ги одморате вашите уморни нозе на античкото светилиште. Доволни ви се од три до четири дена за да ги посетите сите пет села, да се запознаете со сета убавина што ја поседуваат, да уживате во превкусната локална храна и да ги наполните белите дробови со чист воздух.
Монтеросо
Монтеросо е античко селце поставено на врвот на еден рид, нудејќи неверојатна панорама на сите оние кои ќе го посетат. Mоже да се пофали со прекрасна (и долга) плажа што за време на летото се преполнува со љубители на сонцето и бројни капачи. Достапно со автомобил, селото се состои од два посебни дела: стар дел и модерен дел. Со своите слатки мириси на дрвја од лимон, маслинови градини и терасовидни лозови насади, во 1948 година Монтеросо беше накратко исклучен од областа на Синкве Тере (Cinque Terre) затоа што се сметаше дека е „премногу големо село за да биде дел од областа“, но следната година, повторно беше приклучено во највпечатливата селска област во Италија. Главни атракции во Монтеросо се Стариот Замок, Црквата Сан Џовани Батиста и Манастирот де Капучини, а за авантуристите местово нуди и параглајдерски лет кој им овозможува на туристите да уживаат во погледот од висина.

Вернаца
Вернаца или познат како шарениот бисер на Синкве Тере се карактеризира со сликовито мало пристаниште, сведок на нејзиното поморско минато, некогаш единственото безбедно место за укотвување на бродови во оваа област. Стариот град има неколку одбранбени структури, елегантна архитектура, декоративни врати и детално обработени колонади поставени помеѓу тесните улички кои водат до главниот плоштад, во близина на малото пристаниште. Најзначајни знаменитости за туристите се: Црквата Санта Маргарита де Антиохија, Светилиштето на Дамата, Градскиот Ѕид и плажите. Во Вернаца е достапно и сликање со водени бои за кои ќе ве подготвува професионалец.

Корниља
Корниља, најстарото од петте села е лоциран на врвот на еден 100 метри висок карпест ‘рт опкружен со винови лози, каде што локалното население се занимава воглавно со производство на вино. Ова е единственото село кое што нема директен пристап до морето, но затоа има стрмни скали поставени во карпестиот залив кои водат надолу. Селото има мирен карактер, заплеткани улички кои водат до отворени тераси каде што единствено се слушаат звуците на морето и ветрот. Интересно е што само оттука може да се фотографираат сите 5 селца заедно. Атракции кои се интересни за туристите се Црквата Св. Петар, Терасата на Света Марија, истражувањето на мрачниот тунел Гуаво и секако искачувањето и симнувањето по скалите за да се стигне до плажата.

Манарола
Кога се зборува за архитектура во боја и карпести пејзажи се мисли на Манарола. Се наоѓа на врвот на една карпа која се чини како да паѓа во морето. Селото е со стрмни тесни улички кои водат кон морето. Одејќи накај врвот на Манарола се наоѓа црквата Сантуарио ди Ностра Сињорија. Денес служи како религиозно и место за состаноци во заедницата, но во повеќе антички времиња, камбанаријата се користела како знак за да се видат потенцијалните напади од пирати. Друга особеност на Манарола е пирамидата чиј врв може да се види како се издига меѓу повисоките куќи и се користи како референтна точка за навигација. Од лозниците што ја опкружуваат Манарола се произведува познатото вино од Синкве Тере, Шакетра (Cinque Terre, Sciacchetrà).

Риомаџоре
Риомаџоре е најголемото и најјужното село од Синкве Тере и е најблиску до Ла Специја. Се смета како неофицијален главен град на Синкве Тере. Сосема е сигурно дека потеклото на Риомаџиоре потекнува од 8-от век, кога жителите на долината Вара, барајќи поблага клима за да насадат лозови насади и маслинови дрвја без страв од пиратски рации, се движеле кон брегот. Тоа е стартното место на познатата пешачка рута, издлабена во карпа во раниот 20ти век кој води се до Манарола, и е позната како Улица На Љубовта или Via dell’Amore. Пастелните бои на селцето се најубави на зајдисонце, под услов да гледате од морето кон брегот.што го прави секако едно од најромантичните места на Синкве Тере. На р’тот се наоѓа ботаничка градина и центар за набљудување на птици. И црквите Сан Џовани Батиста и Сан Лоренцо се интересни атракции за туристите.

Извори:
www.cinqueterre.eu.com/en/
handluggageonly.co.uk/2016/04/09/11-things-know-visiting-cinque-terre-italy/
wanderlustcrew.com/things-to-do-in-cinque-terre/
www.ciaoflorence.it/en/search-results?location=Cinque_Terre
www.discovertuscany.com/cinque-terre/
Изработиле: Мартина Коколанска, ученик во СОУ “Гоце Делчев” Валандово и Славица Тенекиџиева, дипломиран географ