22 January 2025
АрхиваСвет

Сингапур

оригинално објавено на: 11 May 2012

Сингапур (1° 21′ 25.49″ N, 103° 49′ 10.18″ E) е град-држава кој се наоѓа во Југоисточна Азија, односно во најјужниот дел на Малајскиот Полуостров, помеѓу Малезија на север и Индонезија на југ. Оваа островска држава е распослана на 63 острови. Најголемиот и главен остров, со површина од околу 580 km2 север е одвоен од Малајскиот Полуостров со тесен (1.5 km) и долг канал Џохор, кој уште се вика и северен канал. Островот со копното е споен со вештачки насип (Causeway). На Југ, пак, преку неколку острови одвоен е од Индонезија. Сингапур, според официјалните статистики, има вкупна површина од околу 714 km2.  Во истиот, целосно доминира градското население.

Слика 1. Географска положба на Сингапур.

Во однос на климата, таа е тропска влажна. Просечните годишни врнежи се некаде околку 2500 mm. Средните годишни температури се движат од 23° C минималните, до 32° C максималните. Најтопол месец е Мај. Монсуните, се исто така застапени и тие се јавуваат два пати во текот на годината.

Во поглед на копнената хидрографија главниот остров има поголем број мали рекички, на кои се подигнати вештачки брани, коишто се користат за водоснабдубање на населбите.  Како една од најзначајните реки е Реката Сингапур. Таа има должина од околу 3 km.

Географијата на оваа мала островска држава имала битно влијание за развојот и значењето на овој остров-држава. Во раниот период, на овој остров пристигнувале многу народи како Кинезите, Индонезијците, Арапите, а Индијците, дури историски е утврдено, дека на островот се нашле пред Кинезите.

Слика 2. Сингапур

Сингапур во 13-от век станал значајно трговско место. Кинезите во почетокот на 15-от век, извршиле мирољубива инвазија. Од европските колонизатори први на островот пристигнале Португалците и тоа уште во почетокот на 16-от век. Следните 2 (два) века островот станал средиште на разни судири и војни. Во меѓувреме, на азискиот југоисток се појавиле Французите и Холанѓаните. Во 1811 година, Британците го презеле островот од Французите. Всушност, во 1819 година, Сер Томас Стемфорд Рафалс, претставник на “Британската источно-индиска компанија”, пристигнал на островот и отворил преставништво на компанијата. Согледувајќи ја предноста на островот, истите набрзо го претвориле во во важен трговски центар за целата оваа област и во 1824 година, го откупиле од малајските владетели. Во тие години, Сингапур го доживеал првиот модерен развој.

Во текот на 19-от век, Сингапур израснал во голем трговски центар и еден од најголемите светски пристаништа. Согледувајќи го големото стратегиско значење, во 1938 година, Британците тука формирале поморска база, односно најстојувале Сингапур да прерасне во главно воено средиште на Далечниот Исток (“Источен Гибралтар”). Меѓутоа, сето ова кај Британците не можело да помогне во војната со Јапонците, така што во 1942 година, Британците биле принудени да се предадат.

По завршувањето на војната, островот повторно се нашол под британска управа. Крајот на британскиот колонијален режим се видел во 1961 година, кога претседателот на тогашната Малезиска федерација (Тунгу Абдул Рахман) предложил формирање на независна Малезиска федерација. Во оваа унија на држави, Сингапур влегол во 1963 година, но после две години ја напуштил федерацијата (1965 година) и станал независна република и суверена нација.

Слика 3. Сингапур.

Сингапур е парламентарна демократија и е една од најсредените држави во светот.

Основното население во Сингапур го сочинуваат три големи национални групи и тоа: Кинези, Малајци и Индуси.Во националната структура Кинезите земаат учество со околу 75%, Малајците со околу 14%, Индијците со околу 9% и останатите со околу 3%. Со брзиот развој на островот, брзо растел и бројот на населението. Денес Сингапур има 5.256.000 жители.

Сингапур како држава е повеќе национална и и во неа застапени се повеќе раси. Поради тоа, постојат четири службени јазици, и тоа: кинески (мандарински), малајски, тамилски (индијски) и англиски. Малајскиот како национален и англискиот како официјален, се двата главни јазици. Во однос на верската структура може да се забележи дека 33% се будисти, 18%  христијани,  15%  муслимани, 11% таоисти, 5% хиндуси и на групата останати и припаѓаат 17%. Може да се констатира дека и покрај ваквата етничка, јазична и верска разноликост, сепак населението во Сингапур живее во хармонична заедница.

Слика 4. Сингапур.

Самиот главен град, Сингапур, покрива една четвртина од островот, а други поголеми градови се Серангун, Џуронг, Ни Сун итн. Значаен епитет за градот Сингапур е тоа што многу патеписци овој град го прогласиле за еден од најчистите во светот. Борбата против загадување на животната средина е дел и на воспитувањето и образованието на населението, на коешто во оваа држава се посветува многу големо внимание и тоа преку издвојување на големи парични средства од државниот буџет.

Во 2011 година, БДП по глава на жител изнесува 50.123 долари и бруто национален приход од 259.8 милијарди долари. Невработеноста има една од најмалите вредности во светски рамки и таа изнесува 2%. Во структурата на БДП, најмногу учествуваат индустријата со околу една третина и терциерните дејности со околу две третини. Неговата берза се вбројува во најзначајните во светски рамки. Во однос на туризмот може да се каже дека истиот во 2009 година, имал приход од речиси 13 милијарди долари и речиси 10 милиони туристи. Значајно е да се напомене дека Сингапур е еден од четирите “Азиски тигри”.

Сингапур е водечки во неколку економски области, како на пример, тој е четврт водечки светски финансиски центар, потоа, се наоѓа на второ место на пазарот со казина и коцкање, се вбројува во првите три центри по рафинирање на нафта, поседува еден од најголемите и главен сервис за бродови итн.Исто така, оваа земја е меѓу првите во однос на жители кои се вбројуваат во графата на милионери.

Сингапурското пристаниште по извршениот промет (530.5 милиони тони) се вбројува во четирите најфреквентни во светот . Интересно е тоа што во преминот, односно теснецот кон Сингапур сèуште е присутно современото пиратство, чија цел се не толку големи трговски бродови. Истото, во светски рамки уште е застапено и кај Сомалија (Африка). Исто така, Сингапур е една од најголемите авионски раскрсници во Азија. Тоа е аеродромот Чанги кој опслужува околу 80 линии и авиокомпании кои го поврзуваат Сингапур со 200 градови во 68 земји. Се вбројува во 20-те најфреквентни во светот и во 2011 година, имал 40 милиони патници и околу 155 000 слетувања. Воедно, тој претставува еден од најголемите градежни проекти во историјата на оваа држава.Во 2006 година, бил прогласен за најдобар аеродром во светот за истата година.

Квалитетот на животот на населението во Сингапур е меѓу првите во Азија, во светски рамки се вбројува во првите петнаесет земји.

Извори:
1) Мијалов, Р. (1998): Географија на Азија, АМК Мак Дизајн, Стр.: 355-361, Скопје;
2) http://heritagetrails.sg/content/148/Bukit_Timah_Hill.html;
3) http://www.nl.sg/
4) www.stbtrc.com.sg;
5) http://www.singstat.gov.sg;
6) www.wikipedia.org;
7) www.sg/who/32/Founding-of-Modern-Singapore.aspx

Подготвил: Трајче Лазороски