Се одржа првиот час за новозапишаните студенти на Институтот за географија!
18 September 2012
Денеска во големиот амфитеатар на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа првиот академски час за новозапишаните студенти во учебната 2012/13 година. На свечениот час, на студентите им се обрати в.д. деканот на факултетот, проф. д-р Ицко Ѓоргоски.

По заедничкиот час на студентите-бруцоши на ПМФ, за студентите на Институтот за географија свеченоста продолжи во големиот амфитеатар на Институтот кој речиси беше претесен да ги собере близу 180-те новозапишани студенти. На свечениот час исто така присуствуваше наставниот, помошниот и техничкиот кадар на Институтот. При тоа, на студентите им се обрати раководителот на Институтот за географија, проф. д-р Никола Панов, кој им посака пријатно добредојде и успех во студирањето. Воедно тој накратко ги запозна студентите со Институтот, неговиот голем наставно-научен и технички потенцијал, современата опременост, 90-годишната традиција, а го претстави и кадарот на Институтот. На крај на студентите им беа поделени индексите и електронските прирачници за наставата. Веќе од утре, се започнува со изведување на редовна настава и сите предвидени активности.
Инаку оваа година на четирите насоки на Институтот за географија (наставна, географски информациски системи, туризам и демографија) се запишаа рекорден број студенти – речиси 180. Тоа секако е одраз на современите насоки и услови за студирање на Институтот, врвниот наставен кадар со кој располага, позитивниот пристап, изведувањето на соодветни теренски настави во земјава и во странство и др.

Во оваа пригода ИГЕО-порталот им посакува успех на студентите на Институтот за географија, но и на сите останати не само во оваа учебна година, туку и во целокупното студирање!