Салина Турда – од рудник до уникатна туристичка атракција
оригинално објавено на: 28.08.2018
Рудникот Салина Турда се наоѓа во градот Турда во Трансилванија, во северозападниот дел на Романија. Се проценува дека од античкиот период до 1992 година, кога рудникот престанал со експлоатација, од него биле извадени над 3 милијарди тони сол. По извадената сол, бројот на окната и должината на експлоатација, Салина Турда е еден од најголемите и најстари рудници во Европа. Бидејќи речиси целиот период, солта била вадена без експлозив, местото останало еколошки чисто до ден денес.
Првите пишани документи за Салина Турда датираат од XIII век. Со намалувањето на корисните резерви на сол, кон крајот на минатиот век била увидена можноста дека овој интересен комплекс, може да стане привлечна туристичка атракција. Затоа, во 1992 година истиот е претворен првин во терапевтски центар (за солна или хало-терапија), а потоа и во музеј. Оттогаш бил посетен од над 2 милиони туристи, а од неколку туристички портали и списанија бил именуван како едно од “најубавите подземни места во светот”.
Музејот Салина Турда, како дел од некогашниот огромен рударски комплекс, главно се протега на околу 110 метри под земја. Тој е воодушевувачка комбинација од традиционална рударска опрема, тесни премини и куполи, па дури има и големо подземно езеро. Со влажност во воздухот од 80% и температура околу 11-12°С, овој рудник е со поволна микро-клима, без алергени и бактерии, совршен за оние кои боледуваат од астма. Кошаркарско игралиште, мини голф, панорамско тркало, подземно езеро со чамци и спа содржини, се само дел од забавата што ја нуди на своите посетители овој волшебен комплекс, кој прави да се чувствувате како да сте во некој друг свет, полн со историја и магија. Главните атракции кои го сочинуваат туристичкиот комплекс Салина Турда се: рудникот Лосиф, салата Кривак, рудникот Терезиа, рудникот Рудолф и рудникот Гизела.
Рудникот Лосиф е веројатно еден од најзабавните делови на комплексот поради неверојатните ехо комори и балконите од сол. Овој рудник е конусна комора длабока 112 метри, а широка дури 67 метри. Поради својата форма и недостиг на комуникација со другите големи рударски точки, овој рудник има моќно ехо, поради што ја нарекуваат “соба на ехото”.
Салата Кривак е октагонална просторија со едноставна, но ефикасна направа која се користела за подигање на карпи сол на површината. Направата датира од 1881 година и е единствената во Европа која се уште е нa оригинална локација.
Рудникот Терезиjа е длабок 120 метри и на дното има неверојатно подземно езеро по кое може да се плови со чамец. Во средишниот дел на езерото, длабоко 8 метри, кон крајот на XIX век е формиран мал остров од сол, од кој се протега панорамски поглед на целото езеро. До островот се стигнува преку мост, осветлен од импресивни светла што го отсликуваат темното езеро и ѕидовите на овој огромен рудник.
Рудникот Рудолф е веројатно централното место на целиот комплекс. Околу влезот во него, има игралишта за мини-голф, пинг-понг, мал амфитеатар, па дури и панорамско тркало со неверојатна глетка.
Рудникот Гизела е сличен на рудникот Рудолф, само е помал. Истражувањето застана кратко по отворањето на овој рудник и во моментов е опремено со спа сала со природни аеросоли.
Туристичкиот комплекс на рудникот Салина Турда е отворен цела недела (освен понеделник) од 9 до 18 часот. Цените на билетите се движат од 20 леи (4,28 eвра) за возрасни, 12 леи (2,57 евра) за пензионери, до 10 леи (2,14 евра) за деца и ученици, додека за мали деца до 3 години, влезот е слободен. Посетата на овој комплекс трае околу 3 часа. По посетата луѓето велат дека се чувствуваат полесно, поздраво и дишат подобро поради терапевтскиот, јонизиран воздух од овие рудници. Илјадници луѓе со белодробни заболувања и алергии, често одат на третман во рудникот. Солениот воздух има докажани терапевтски својства, особено за респираторните проблеми.
Извори:
travelguideromania.com/turda-salt-mine-things-see-transylvania/
cluj-napoca.xyz/tourism/salina-turda/
salinaturda.eu/
www.businessinsider.com/salina-turda-amusement-park-in-romania-2015-7
seektheworld.com/romania-salina-turda/
Подготвиле: Мартина Коколанска, ученичка во ООУ “ Страшо Пинџур” Јосифово и Славица Тенекиџиева, дипломиран географ