3 November 2024
LatestСвет

Републики и монархии: како се поделени државите во светот?

Постојат две основни форми на државна власт. Тоа се монархија и република.

Монархија е државно уредување и форма на власт базирана на суверенитетот на една личност. Врховниот авторитет е во рацете на индивидуа (крал, цар, шах, султан, емир и др.), кој функционира како шеф на државата доживотно и власта ја стекнува по наследен пат. Но, монархиите имаат и одредени специфики: можат да бидат апсолутни, или церемонијални, но има и такви каде што монархот доаѓа на власт преку избори.

Република е уредување на власта каде што претседателот на државата е шеф на државата, кој го црпи суверенитетот на владеење од граѓаните, односно власта се добива по пат на избори.

Низ целокупната историја на развојот на човештвото, сè до 20 век, монархијата била главна форма на државна власт, но со распадот на големите царства, републиканството како идеја го заменува монархизмот, и поголем дел од националните држави кои произлегле од гломазните царства се конституирале како републики. Растот на републиканизмот се поклопил и со растот на демократијата, па заради тоа, република и демократија се синоними, иако постојат низа случаи, од денес и од блиската историја, каде што степенот на демократија е на повисоко ниво во монархиите, отколку во републиките.

Денес, вкупно 43 суверени држави имаат монарх како шеф на држава – во поголемиот дел од нив, неговата функција е церемонијална, но има и такви, каде што власта на монархот е неограничена.

Најголем дел од овие монархии се наоѓаат во Европа и Азија, додека пак, држави како Канада, Австралија, заедно со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска потпаѓаат под Комонвелтот, односно на сите тие држави посебно, шеф им е британскиот крал Чарлс III. Заклучно со февруари 2024, вкупно 15 држави припаѓаат на „комонвелтот“: Велика Британија, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Папуа Нова Гвинеја, Бахами, Света Луција, Јамајка, Антигва и Барбуда, Гренада, Свети Кристофер и Невис, Свети Винцент и Гренадини, Белизе, Тувалу, и Соломоновите Острови.

Слика 1. ЗЕМЈИТЕ НА КОМОНВЕЛТОТ
(извор: wikimapia.org)

Во Европа, покрај Обединетото Кралство, има уште 11 држави монархии: Шпанија, Белгија, Холандија, Норвешка, Шведска, Данска, Луксембург, Лихтенштајн, Монако, Андора и Ватикан.  Посебно интересни се случаите со Андора и Ватикан. Всушност, кнежевството Андора е „диархија“, односно има двајца кои фигурираат како шеф на држава – а тоа се Жоан Енрик Вивес и Сисилија (од 2003), и францускиот претседател, Емануел Макрон. Најмалата држава на светот, Ватикан, пак, има апсолутен лидер, односно папата, кој на таа функција доаѓа преку избори.

Во Азија, монархии се: Саудиска Арабија, Бахреин, Јордан, Кувајт, Катар, Оман, Бутан, Камбоџа, Тајланд, Брунеи, и Малезија. Oд август 2021 година, Авганистан е исламски емират, додека пак, Обединетите Арапски Емирати се федерална монархија, на чело со претседател. ДНР Кореја, иако и во самото свое име го содржи поимот „република“ преку практиката на апсолутната и наследна власт, повеќе наликува на монархија отколку на република.  Во Африка има „само“ три монархии: Мароко, Есуатини, и Лесото, а во Океанија, покрај членовите на Комонвелтот, самостоен претставник на монархизмот е островската микро држава Тонга.

Иако формално и церемонијално, сепак, единствено царство во светот денес е Јапонија.

Мнозинството останати држави во светот се републики. Се смета дека најстара република во светот е Сан Марино. Па така, на Апенинскиот полуостров, лежат најстарата република и најмалата монархија во светот.

Слика 2. МОНАРХИИ (ЦРВЕНО) И РЕПУБЛИКИ (СИНО)
(извор: reddit)
Слика 3. КУЛА ГУАИТА НА МОНТЕ ТИТАНО ВО САН МАРИНО
(извор: www.sdetmipoevrope.cz)

Литература:

Trepanier, Peter (2004): Some Visual Aspects of the Monarchical Tradition, Canadian Parliamentary Review. 27 (2): 28;

Hudson, Wayne (2004). Restructuring Australia: Regionalism, Republicanism and Reform of the Nation-State. Sydney, NSW: Federation Press;

Bogdanor, Vernon (1998): The Monarchy and the Constitution, New York: Oxford University Press;

Kostiner, Joseph. “monarchy”. Encyclopedia Britannica, https://www.britannica.com/topic/monarchy;

World Atlas: Which countries still have monarchy? https://www.worldatlas.com/articles/which-countries-still-have-monarchy.html;
Merriam-Webster: https://www.merriam-webster.com/dictionary/monarchy;
Китевски, Горан (2020): Интегративната функција на географските услови при формирањето на социјалниот, културниот, економскиот и политичкиот идентитет на Балканскиот Полуостров, докторски труд (ракопис), Природно-математички факултет, Институт за географија – Скопје
Guinness World Records: Oldest existing republic, https://www.guinnessworldrecords.com/world-records/oldest-existing-republic

Автор: доц. д-р Горан Китевски