22 January 2025
АрхиваСвет

Република Словенија

оригинално објавено на: 28 November 2012

Словенија (46° 03′ 05″ N, 14° 30′ 21″ E) го зафаќа северозападниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа лежи во Централна Европа, на местото каде што се допираат Алпите, Динарските Планини, Панонската Низина и Средоземјето. Оттука, истата претставува балканска, средоземноморска и средноевропска држава. Опфаќа површина од 20 273 km2 и според површината Словенија е 153 држава во светот. На запад се граничи со Италија, на север со Австрија, на североисток со Унгарија и на исток со Хрватска. Оваа земја со еден мал дел излегува на Јадранското Море и должината на нејзината брегова линија изнесува 46,6 km.

Слика 1. Република Словенија.

Во однос на релјефот може да се каже дека Словенија е претежно планинска земја и  со својот најголем дел ги опфаќа Алпите и алпското предгорје. Низините се застапени само во североисточниот дел на земјата (перипанонска Словенија) и во приморјето. Алпите, кои се протегаат во северозападниот и северниот дел од земјата, се дел од јужноваровничките и централните источни Алпи. На јужноваровничките, високи Алпи, им припаѓаат Јулиските Алпи (таму се наоѓа највисокиот врв во Словенија – Триглав 2864 m), Савињско-Камнишките Алпи и Караванки. На централните Алпи им припаѓа пониското Похорје и Козјак. Централниот дел од земјата ги опфаќа предалпските средновисоки планини и висорамнини, Толмински, Церкљански, Шкофјелочки, Посавски, кои меѓу себе се одвоени со долините на реките и котлините. На југ се наоѓа Динарскиот карст кој пак, го сочинуваат планински израмнини и била, како и карстни полиња Њотранско и Дољенско со развиени карстни облици (Постојнската и Шкоцијанската јама). Источна и североисточна Словенија се преоден предалпско-перипанонски крај. Се состои од рамнини по должината на реките Мура и Драва, потоа долината на реката Сава (Засавје), Савиња, Дравиња и Сутла и ридестиот предел меѓу нив (Словенске Горице, Халозе, Горичко, Козјанско, Мацељ, Равна Гора). Словенечкото приморје го зафаќа крајниот северозападен дел од Истра. Тоа е рамничарски, тесен крајбрежен појас со должина од околу 35 km.

Слика 2. Town view of Kranj, Slovenia, mountain landscape — Image by © José Fuste Raga/Corbis

Во Словенија се карактеристични следните видови климатски типови: Субмедитеранска, која е застапена на Јадранското приморје, потоа умерено-континенталната во котлините и речните долини, континенталната во источните делови на државата и планинската клима која е застапена на Алпите

Словенија е богата со реки, претежно планински со брз тек и голем пад. Поголемиот дел од реките му припаѓаат на Црноморскиот слив. Најдолга е Сава (221 km во Словенија), со притоките Савиња, Љубљаница, Мирна, Крка (94 km) и пограничната Купа (118 km), потоа Драва (142 km) со притоките Мура (95 km) и Дравиња. На Јадранскиот слив,  пак, најдолга река која му припаѓа е реката Соча (96 km) со притоките Идријица и Випава. Во карстот има многубројни реки понорници (Љубљаница, Теменица, Пивка, Река). Овде преовладуваат алпските глацијални езера: најголемо е Бохињското (3,18 km2), а познати се и Бледското (словенечки: Блејско; 1,4 km2) и Триглавските Езера.

Во однос на почвите, типови кои се застапени се: кафеавите почви кои се најплодни и се наоѓаат во долините и котлините, потоа кисели кафеави почви кои ги има во Предалпското предгорје, кафеавите карбонатни почви во карстните области Њотранската и Дољенската, а на некои места и црвеницата (terra rosa). Истоа така, застапени се и флувијалните и тресетните почви.

Биогеографските особености се карактеристични по тоа што во оваа земја во однос на флората застапени се мешаните шуми од даб, зелен даб и црн јасен (во приморјето), а кон внатрешноста субмедитеранските шуми со дабот благун. Во динарското подрачје застапени на континенталниот простор застапени се ела и бука, во предалпското подрачје покрај буката има и ела и смрека, на повисоките делови ари, планински бор, а над границите на шумите се планинските пасишта. Од фауната застапени се голем број на претставници, од кои покарактеристични се: еленот, срната, дивата свиња, волкот, лисицата, мечката, повеќе видови птици и уште многу други. Како еден од ендемичните видови се издвојува човечката рипка која ја има во Постојнската јама.

Слика 3.

Словенија е парламентарна република. Нејзиниот парламент се состои од Државно собрание со 90 пратеници и Државен совет со 40 членови.

Во Словенија живеат 2.042.335 (2009) жители и според бројот на население таа е на 143 место во светот. Просечната густина на населеност изнесува 100.7 ж/km2. Жителите се, главно, Словенци (Повеќе од 83%, попис 2004); Хрвати 1,8%, Срби 2%, Бошњаци 1,1%, Унгарци 0,5%, други народи околу 2% и останати недекларирани или непознати. Официјален јазик е словенечкиот, астепенот на писменост изнесува околу 99%. Според верската определеност жителите се, главно, римокатолици (околу 84%), а има и протестанти, православни и др. Природниот прираст во 2009 година, изнесувал 1,5%о, наталитетот 10.7%о, а морталитетот 9.1%о.

Главен и најголем град е Љубљана со 272 554 жители (2011). Други поголеми градови се: Марибор, Цеље, Крањ, Велење, Копар (словенечки: Копер), Ново Место и др. Во градовите живее повеќе од 52% од населението.

Слика 4.

Гледано од историска гледна точка за територијата на Словенија може да се истакне дека таа имала динамично минато. Имено, како некои од поважните работи би спомнале дека таа била дел од Римската империја, а некаде после 8-от век на оваа територија постоеле германски грофовии, односно покраини. Тие историски покраини се задржале некаде до 1918 година. Како реформација во 16-от век бил втемелен словенечкиот книжевен јазик, а во 19-от век народната преродба дала и политичка програма на соединување и осамостојување на словенечкото етничко подрачје. Во 1918 година, Словенија и се приклучила на државата СХС, а подоцна Кралството Југославија.

Според мировниот договор во Сан Жермен (1919) и плебисцитот (1920) Словенија го изгубила поголемиот дел од Корушка, а и Рапалскиот договор (1920) придонесол за поделба на словенечкиот народ (околу 400 000 Словенци останале во Италија, а околу 90 000 во Австрија). Иако поделена во Втората Светска војна помеѓу германските, италијанските и унгарските окупатори, Словенија во 1945 год. станала една од републиките на комунистичка Југославија сè до нејзиното  распаѓање, кога на 25.VI.1991 год. прогласила независност.

Словенечкото стопанство е карактеристично по неговата отвореност и извозна ориентираност и речиси половина од БДП го разменува со светот. Истото се базира врз услужните дејности кои во реализацијата на националниот доход учествуваат со околу 63%, индустријата учествува со околу 34%, додека земјоделството со само околу 2,5%, но е основа за високоспецијализираната прехранбена индустрија. Бруто домашниот производ на жител во 2011 год. изнесувал 24 914 $.

Слика 5.

Словенија има мало рудно богатство, освен олово-цинкова руда и јаглен. Но, сепак таа е развиена индустриска и земјоделска земја. Од земјоделските култури најмногу застапени се пченка, пченича, компир, хмељ, шеќерна репа, грозје, а помалку јачмен, ‘рж и зоб. Во сточарството, на Алпите застапено е одгледувањето на високомлечни крави.

Слика 6.

Уловот на риба во 2009 година изнесувал 1849 тони. Главно пристаниште е Изола.

Шумите покриваат околу 56% и тие претставуваат најзначаен природен извор во Словенија.

Кога станува збор за индустријата, освен разновидниот систем, карактеристично за словенечката индустрија е тоа што постои голема распрсканост по помалите градови и села. Концентрациите се во поголемите градови (Марибор, Љубљана, Цеље, Крањ, копер, Јесенице), а посилни индустриски јадра се создале и во Корушка (Межичка и Мислињска Долина), во Вељенската Котлина (Велење, Шоштањ), Посавје (Кршко, Севница, Брежице), во Долељската (Ново Место, Требње, Кочевје), Нотрањската (Пивка, Постојна, Илирска Бистрица).

Индустриски гранки кои се застапени се: металната и машинската индустрија, потоа текстилната, електротехничката, дрвната, индустријата за домаќинства, прехранбената, хемиската, индустријата за хартија, фармацевтската, кожарската, индустријата за обувки, градежен материјал, гумарската индустрија и др.

Туризмот зазема важно место во стопанството на оваа земја. Тој е најразвиен на Јадранското Приморје (Порторож, Пиран, Копер, Изола и др.), потоа на Алпите (Планица и Крањска Гора), на Бледското и Бохињското Езеро итн. Доста посетени се и Љубљана, Блед, Моравске Топлице и др. Голем број туристи привлекуваат и подземните јами и пештери. Меѓу нив најпозната е Постоинската Јама која е една од најубавите во Европа. Словенија во 1980 година ја посетиле околу 862 000 странски туристи, во 1995 година 732 000, во 2000 година првпат регистрирала повеќе од еден милион жители (1 090 000), а според официјалните статистички податоци во 2009 година регистрирани се околу 1 800 000 туристи.

Слика 7.

Патниот сообраќај во Словенија е мошне развиен. Вкупната должина на патиштата изнесува повеќе од 21 000 km, (85% асвалтирани), од кои повеќе од 600 km се автопат. Железничкиот сообраќај има 1229 km железнички пруги од кои 504 се електрифицирани а со железницата управува претпријатието Словенечки железници (СЖ), кое е во државна сопственост. Единствен бродски превозник, пак, е Сплошна пловба од Порторож кое е во мнозинска сопственост на државата. Има 16 товарни бродови, а најзначајното товарно пристаниште е во Копар. Воздушниот сообраќај се карактеризира со три аеродроми. Имено, единствен меѓународен аеродром со редовен патнички сообраќај е Љубљана Брник, а помали има во Марибор и Порторож. Национален превозник е Адриа Ервејс, основан 1961, како Адриа Авиопромет.

Словенија со странство води жива трговија. Таа најмногу извезува производствени добра, машини и транспортни средства, хемикалии, прехранбени производи и др., а увезува машини и транспортни средства, производствени добра, хемикалии, горива и лубриканти, прехранбени производи и др. Најголеми партнери се: Германија, Италија, Франција, Хрватска, Австрија и други.

Извори:
Павловски Ѓ., Миленковски А., Панов Н., Мијалов Р. (2002): Географија за VII одделение, Просветно Дело, стр.: 38-39, Скопје;
Панов Н., Мијалов Р., Чаловски Т. (2004): Политичко-економската состојба како влијателен фактор врз туризмот во државите на Балканскиот Полуостров, Геогр. Разг., кн. 38-39, стр.: 89-102, Скопје;
Панов Н., Талеска М. (2007): Географија на Европа, Селектор, стр.: 261-269, Скопје;
www.hdr.undp.org (Human Development Report 2011);
www.stat.si;
www.wikipedia.org

Подготвил: Трајче Лазороски