Регионот Тоскана во Италија од географски аспект
оригинално објавено на: 23.05.2021
Регионот Тоскана е сместен во централниот дел на Апенинскиот Полуостров, односно во средишниот дел на Италија. На западната страна Тоскана излегува на Лигурско и Тиренско Море, додека на исток и североисток е опкружена со Апенините. Има површина од околу 23000 km2 и на овој простор живеат 3,73 милиони жители. Регионот Тоскана се граничи со регионот Лигуриа на северозапад, Емилиа – Ромагна на север, Марче на североисток, Умбриа на исток и Лацио на југоисток. Имено, Тоскана претставува втор најпосетен регион во Италија, а исто така е привлечна дестинација за огромен број на туристи од целиот свет. Покрај туристичките квалитети, Тоскана, а и државата Италија претставува многу интересна, значајна и богата природна целина.
Поради ридестиот и брановиден релјеф, надморската висина на Тоскана е доста разновидна и изнесува од 0 метри на крајбрежната линија, околу 100 до 300 метри во рамничарските делови и долината на реката Арно, па се до над 2000 метри на планинските венци на Апенините. Регионот се карактеризира со просечна надморска висина од 550 метри, со мали зарамнети делови кои изнесуваат само 8%. Остатокот, односно 25% припаѓаат на планински делови и 67% ридски делови кои се погодни за лозарство. Исто така, Тоскана се карактеризира со добра хидрографска мрежа, од која се издвојуваат реките: Арно, Серчио, Сиева, Песа и други.
Во однос на климатските карактеристики, во крајбрежните и средишните делови преовладува Медитеранска клима, додека во повисоките внатрешни делови суб-медитеранска клима. Преовладуваат многу сончеви денови кои достигнуваат во просек околу 2300 сончеви часови и има помали количества на врнежи кои изнесуваат околу 1062 mm. Температурите во летниот период достигнуваат до 40°C и исто така во текот на ноќта не се спуштаат под 30°C. Во зимските месеци просечната температура изнесува од 7 до 8° C. На повисоките места има ретки појави на снег и мраз во постудените месеци. Тоскана се одликува со поволна географска положба, добра клима, многу културни вредности и добра кујна што ја прави еден од најпосетуваните региони во Европа. Во таа смисла, овој регион е еден од најатрактивните региони во Италија поради неговото богато историско, културно и уметничко наследство, потоа бројните туристички атракции, природни убавини и одличните специјалитети и вина. Посебно се извојуваат виновите лози и квалитетното светско познато винско и трпезно лозје и пејсажите кои ги нуди просторот. Исто така, познати локални продукти се кашкавалот, брускетите, тестенините и бројни традиционални рецепти со маслиново масло и домашен леб.
Во Тоскана има 2 интернационални аеродроми со голем капацитет на патници кои пристигнуваат од целиот свет. Тоа се: Аеродромот “Галилео Галилеј” во Пиза и “Америго Веспучи” во Фиренца. Исто така има добра патна и железничка инфраструктура која го поврзува со соседните региони и градови. Регионот нуди голем број на атрактивни и убави сместувачки објекти, хотели и акомодации, и нуди огромен број на атракции и активности. Најпознати градови и дестинации се: Фиренца, Пиза, Сиена, Сан Гимигнано, Лука, Монтепулчиано, Арецо, Кортона, Ливорно и многу други. Најпознати личности од „лулката“ на Тоскана се: Данте Алигиери, Микеланџело Буонароти, Леонардо Да Винчи, Симеоне Мартини, Галилео Галилеј, Џакомо Пучини и многу други.
Овој регион е пример на успешено и заштитено подрачје со многу национални паркови и локални вредности, брендови и природни убавини кои што нудат уживање и релаксација и е место кое вреди да се посети. Тоскана е место каде сите посетители го наоѓаат својот домен на интерес и ги исполнуваат своите очекувања и соништа.
Користена литература:
https://ec.europa.eu/eurostat/
https://www.piedicosta.com/
Изработил: Христијан Граороски, дипломиран географ – ГИС