Регионална разместеност на вештачките акумулации во Република Македонија
оригинално објавено на 25.01.2017
Вештачките акумулации во Република Македонија почнале да се градат од далечната 1938 година кога е изградена првата акумулацијата Матка, западно од Скопје, пред вливот на река Треска во река Вардар, односно на излезот од кањонот Матка. Овој процес на градење на вештачки акумулации трае до денес, следејќи го трендот на потребите на човекот за менаџирање со водните ресурси како фундамент за негово опстојување, независно дали за заштита од поплави, искористување на хидроенергетскиот потенцијал, водоснабдување, наводнување, снабдување со технолошка вода големите индустриски капацитети, туризам, спорт и сл. Градењето на вештачки акумулации во светот, а особено кај нас е тесно поврзано со три основни услови: потреба, природни можности и економска оправданост. Денес нивниот број изнесува 318 акумулации, од кои 206 се изградени поради било каква нивна функционална намена (водоснабдување, наводнување, искористување на хидроелектричниот потенцијал, рибогојство итн.) додека пак 112 се настанати од најразлични активности на човекот во природата (експлоатација на природни ресурси во смисла на песок, најразлични видови руда итн.).
Големите акумулации во Република Македонија кои најчесто се со полифункционална намена се разместени во долините на поголемите реки (Треска, Црна Река, Дрим со Радика, Брегалница и др.), додека пак помалите акумулации кои претежно се со монофункционална намена пред се сѐ разместени на големи речни текови во периферните делови од котлините.
Сл.1 ДЕБАРСКО ЕЗЕРО СО БРОЈНИТЕ ЗАЛИВИ И ПОЛУОСТРОВИ
За да се одредат координати на една вештачка акумулација како и за сите геопросторни објекти кои зафаќаат некаква површина, се одредува точка – центроид која што претставува средина од најистурените точки на објектот. Со вака зададените критериуми за одредување централна точка на објектите, се констатира дека најјужната акумулација е „Калковец“ (40°53’49’’ с.г.ш.) која се наоѓа јужно од Битола, најсеверна е акумулацијата „Отошница“ (42°11’56’’ с.г.ш.), изградена на јужните падини на планината Герман, најзападна е акумулацијата Шпиље (20°31’37’’ и.г.д.), додека пак најисточна е ископот „Дражево 5“ (22°57’54’’ и.г.д.) во најисточните делови од Струмичко Поле.
Регионалната политика станува сè поважна за развој на државата. Главна цел на регионалната политика е намалување на разликите во природните, економските, демографските, социјалните и инфраструктурните карактеристики во државата. Во 2001 година, Владата на Република Македонија ја донесе Номенклатурата на територијалните единици за статистика со цел формирање на регионални нивоа (Државен завод за статистика, 2014). Во оваа смисла за територијата на Република Македонија се формирани осум статистички региони: Вардарски, Источен, Југозападен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки, Североисточен и Скопски. Разместеноста на акумулациите по региони е следнава:
Од горенаведената табела може да се констатира дека најголем број на акумулации има во Пелагонискиот статистички регион, особено во Општина Прилеп (32) и Општина Новаци (30). Дијаметрално спротивно на овој регион е Полошкиот регион каде од вкупно девет општини има изградено или оформено само девет вештачки акумулации. Овој диспаритет се должи пред се од климатските карактеристики, особено на плувиометрискиот режим, на овие два региони со акцент на вегетацискиот период.
Во Република Македонија има вкупно 21 голема акумулација чија зафатнина надминува 1.000.000 m кубни вода. Дистрибуцијата на овие акумулации по статистички региони е следна:
Вардарски Регион – 3 (ез. Младост, Водоча, Турија, Паљурци),
Источен Регион – 4 (ез. Мавровица, Калиманци, Ратевско и Градче),
Југозападен Регион – 3 (ез. Козјак, Шпиље и Глобочица),
Југоисточен Регион – 4 (ез. Мантово, Водоча, Турија и Паљурци),
Пелагониски Регион – 3 (ез. Стрежево, Прилепско и Суводол),
Полошки Регион – 1 (Мавровско Езеро),
Североисточен Регион – 2 (ез. Глажња и Липково) и
Скопски Регион – 1 (езеро Матка).
Генерално може да се даде заклучок дека состојбата со вештачките акумулации во нашата држава не е на завидно ниво, особено ако се земе предвид фактот дека се почеста е појавата на долготрајни суши во летниот, односно во вегетацискиот период од годината кога на земјоделците секоја капка вода им е битна. Од друга страна пак гледано од аспект на обновливи ресурси на енергија, во Република Македонија има само осум акумулации кои што произведуваат ваков тип на електрична енергија.
Извори:
Василески, Д. (1995): Малите акумулации и нивната просторна разместеност во Република Македонија, Прв Македонски географски конгрес, Охрид;
Гашевски, М. (1995): Вештачките водни акумулации како важен елемент за промените во просторот на Република Македонија, Прв Македонски географски конгрес, Охрид;
Државен завод за статистика, (2014): Регионите во Македонија;
Златаноски, В. (2014): Географски информациски систем на вештачките акумулации во Република Македонија (магистерски труд), Скопје;
Zlatanoski V., Markoski B., Dimitrovska O., Gorin S., Radevski I. (2013): „Inventory of small artificial lakes in function of hilly-mountain areas development on the territory of Republic of Macedonia“, Proceedings of the International Scientific Symposium “Hilly-Mountain Areas – Problems and Perspectives”, Book 2, Ohrid, 2013, p. 599-612;
Маркоски, Б. (2000): Фактори и критериуми за одредување и вреднување на географската положба на даден простор, Зборник на трудови од Вториот конгрес на географите на Република Македонија одржан од 3 до 5 Ноември 2000 година во Охрид, МГД, Скопје;
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (1992): „Катастар на изградени мали брани и акумулации во Република Македонија“, Скопје;
Серафимов, П. (1970): Браните во Македонија, Југословенски национален комитет за високи брани;
Стојмилов, А. (2011): Географија на Република Македонија, Бато&Дивајн, Скопје;
Автор: м-р Владимир Златановски