Реализирано стручно предавање на Географскиот факултет во Белград
оригинално објавено на: 20.04.2018
На покана на Географскиот факултет при Универзитетот во Белград, на 11 април 2018 година од страна на д-р Никола Панов и м-р Христина Димеска од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, беше изведено стручно предавање за студентите и дел од наставниците на Факултетот.
На настанот кој предизвика голем интерес беа присутни студенти на насоките: наставна географија, туризам, демографија и просторно планирање, но и наставници и соработници од Факултетот.
Предавањето на проф. д-р. Никола Панов беше со наслов „Природно-географски и социо-економски карактеристики на Македонија“, во кое професорот ги претстави основните географски обелжја на Република Македонија, како во однос на физичките карактеристики, така и во однос на основните демографски обележја и трендови во земјава.
Предавањето на м-р Христина Димеска носеше наслов „Генерален преглед на туристичкиот промет во Република Македонија“, со осврт на туристичките текови за претходната, 2017 година. Во рамките на предавањето беа посочени и водечките фактори кои ги генерирале евидентираните достигнувања, како и актуелните проблеми и предизвици со кои се соочува македонскиот туризам, а беше дадена и компартивна анализа на случувањата во однос на туризмот во двете земји, Македонија и Србија.
Во неофицијалниот дел, бевме примени од раководството на Географскиот институт „Јован Цвијиќ“ од Белград, Деканот – д-р Дејан Филиповиќ, проф. д-р Гордана Војковиќ, проф. д-р Мирјана Гајиќ и проф д-р Мирољуб Милинчиќ, а беше договорена и натамошната соработка помеѓу двете институции, како и можноста за организирање на заеднички теренски настави, размена на студенти и истражувачи, но и разни други облици на соработка.
Се надеваме дека ваквата соработка помеѓу двете институции во иднина ќе продолжи и ќе се зајакне.
Подготвил: м-р Христина Димеска