Реализирана теренска настава во Бугарија
оригинално објавено на: 06.11.2013
Во периодот од 17-19-ти октомври беше изведена веќе традиционалната теренска настава со студентите од насоката туризам на Институтот за Географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Патувањето се одвиваше на релација Скопје-Струмица-Смоларски водопад-Сандански-Благоевград-Софија-Скопје. Попатно беше посетен Смоларскиот водопад, лоциран на северните падини на Беласица, а формиран во долниот тек на Смоларска река, кој со своите 39,5 метри е еден од мошне убавите водопади на територијата на Република Македонија. Понатаму патувањето продолжи кон Мелник (Република Бугарија) кој со своите нешто помалку од 300 жители претставува најмалиот град во регионот, а територијално припаѓа на регионот на Благоевград. Студентите беа восхитени од природната убавина на ова гратче затскриено во пазувите на планината Пирин, а специфичната архитектура, земјените пирамиди, чистиот воздух надополнети со исклучително богатата историја го издигнуваат ова место во град-музеј. Мелник меѓу другото се одликува и по мошне квалитетното вино, произведено од лозови насади лоцирани во непосредна близина. Во таа насока беше посетена и семејната винарија на Митко Манолев, познат како „Митко шестката“ каде учесниците на теренската настава имаа можност да пробаат од убавото Мелничко вино.
Од таму патувањето продолжи кон градот Сандански, кој се наоѓа во непосредна близина на Македонско-Бугарската граница, а за студентите е интересно од причина што тоа е туристичко место кое живее од туризмот во текот на целата година. Градот називот го добива во 1949-та година (до претходно било именувано и познато како Свети Врач), во чест на познатиот Илинденски револуционер Јане Сандански. Групата беше сместена во еден од најреномираните хотели во регионот, каде беше организирано предавање и прошетка за студентите, кои имаа можност да слушнат и научат нешто повеќе од претставник на менаџерски тим, кој очигледно мошне успешно ја обавува својата работна. За време на патувањето беше посетен и Благоевград, како и Бугарската престолнина, каде беше организиран и панорамски разглед на градот. На наше големо задоволство во периодот на нашата посета на Софија, во тек беше изложба на стари автомобили, која имавме можност да ја посетиме. Во текот на теренската настава студентите активно беа вклучени во процесот на организација и изведување на истата, со цел да стекнат што поголем обем на практични сознанија од соодветната туристичка проблематика. За успешна реализација на теренската настава покрај примерното однесување на студентите придонесе и учеството на истата на следните наставници и соработници: проф. д-р Никола Панов, Проф д-р Благоја Маркоски, Проф. д-р Ристо Мијалов, м-р Христина Димеска, м-р Анита Тодорова, Владимир Златаноски, како и Љубица Волчева Маркоска и Јованка Лукаревска. Технички организатор на патувањето беше туристичката агенција “Оскар Травел“, која мошне успешно и на високо ниво ја реализираше својата обврска.
Текст: м-р Христина Димеска