28 March 2025
Архива

Разурнувачкиот земјотрес во Валандово во 1931 година

оригинално објавено на: 26.12.2017

Неотектонски и сеизмотектонски карактеристики

Сезмичноста на територијата на Македонија и околните блиски балкански региони е поврзана за вертикални и делумно хоризонтални поместувања на тлото, вдолж гравитациони (нормални) раседи. Овие раседи се формирани со неотектонските процеси на вертикални диференцијални движења, кои отпочнале пред околу 18 милиони години, a во некои предели и денес се јавуваат како современи тектонски движења. Тектонските процеси на раседнување имале променлив карактер, при што се менувале периоди на поинтензивна тектонска подвижност со периоди на слаба активност, односно мирување на терените. Се издвојуваат 5 такви етапи на интензивна тектонска активност со кои се образувале издигнати блокови (хорстови) претставени со денешните планини и тектонски депресии (потонати блокови) исполнети со средно и горно миоценски и плиоценско-квартерни седименти. Многу од раседите, кои ги ограничуваат депресиите (грабените) и хорстовите и денес покажуваат мобилност и предизвикуваат сеизмичка активност.

Валандовската депресија е млада и создадена е во последната, односно во квартерната неотектонска етапа. Тоа го потврдува податокот, дека во Рабровско-Валандовската котлина неогенски седименти отсуствуваат, а истата е исполнета со наталожена маса дебела околу 70-80m од квартерен речен, пороен и падински материјал. Депресијата, со форма на полуграбен, е формирана со квартерен наложен расед (Валандовски расед) со исток-запад ориентација и пад кон север под агол од 65°‡75°. Овој расед, контрастно изразен во рељефот, го ограничува грабенот од јужната страна, додека северната страна на депресијата не е тектонски лимитирана. Валандовскиот расед почнувајќи од коритото на Вардар кај селото Марвинци продолжува на исток преку селата Брајковци‡Честово до Башибос и натаму на територијата на Грција. Јужно од раседот се издига понизок хорст, изграден од геолошки единици од прекамбриска, палеозоиска и мезозоиска старост.

Сеизмотектонски, Валандовскиот грабен е дел од сеизмотектонската зона Валандово-Гевгелија. Во зоната се јавуваат млади раседи со различна ориентација од правец исток-запад, североисток-југозапад и север-југ до северозапад-југоисток. Но, од сеизмички аспект најважни се раседите со правецот исток-запад. Валандовската депресија маркантна со Валандовскиот расед е сеизмички најактивен дел во поширокото подрачје. Кај селото Марвинци, во коритото на реката Вардар, Валандовскиот расед се сече со друг расед со север-југ протегање каде и се лоцирани епицентрите на двата деструктивни Валандовски земјотреса (СО/ПМФ-Скопје, 2016) случени во 1931 година (7 март M­L=6.0 и 8 март M­L = 6.7). Земјотреси вдолж раседот се јавуваат и на територија на Грција, но со пониски магнитуди. Сеизмичката активност во зоната Валандово-Гевгелија продолжува и денес, а најголем потенцијал за повторување на нов разорнувачки земјотрес има Валандовскиот расед.

Сеизмичност на Валандовското епицентрално подрачје

Сеизмичноста на Валандовското епицентрално подрачје и активноста како на Валандовскиот расед така и на околните, се гледа од големиот број на случени земјотреси во период од 1900–2016 година, прикажани на епицентралната карта (Слика 1). Ова епицентрално подрачје се карактеризира со честа појава на слаби земјотреси со магнитуда ML<3 и ретка појава на умерени до силни, како што е земјотресот од 1931 година.

Слика 1. Епицентрална карта на земјотресите од Валандовското епицентрално подрачје за периодот 1900–2016 година
Извор на податоци: Сеизмолошка обсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје. Изработила: Д. Черних-Анастасовска

Карактеристично за Валандовското епицентрално подрачје е појавата на релативно временски долгата серија на афтершокови кои го следат секој силен земјотрес, која на пример после земјотресите од 1931 година траела неколку години проследена со голем број на слаби и умерени земјотреси. Според досегашните проучувања на ова сеизмичко подрачје, силните земјотреси настапуваат ненадејно, со многу мал временски интервал помеѓу форшоковите и главниот удар. По серијата на земјотреси од 1931 година, досега се случил само еден умерен земјотрес со магнитуда ML =5.2, после кој серијата на земјотреси кои следела траела неколку месеци, нормално за земјотрес со ваква магнитуда (Слика 2).

Слика 2. : Епицентрална карта на земјотресите од Валандовското епицентрално подрачје за периодот мај-јуни 2009 година
Извор на податоци: Сеизмолошка обсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје. Изработила: Д. Черних-Анастасовска
Слика 3. Епицентрална карта на најсилните земјотресите од Валандовското епицентрално подрачје од серијата од 1931 година
Извор на податоци: Сеизмолошка обсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје. Изработила: Д. Черних-Анастасовска
Слика 4.

Деветте земјотреса со магнитуда 4.0<ML<6.7 (Табела 1) од кои два со магнитуда ML>6 се случиле во ова епицентрално подрачје за само два дена, на 7 и 8 март 1931 година (Слика 3). Едниот од нив воедно е и најсилниот досега познат земјотрес во овој регион, со магнитуда од 6.7 степени и длабочина на хипоцентарот од околу 16km. Силината на овој земјотрес имала разурнувачка моќ на релативно голема површина, што може нагледно да се види и од картата на изосеисти (Слика 4). Интензитет од VIII степени бил почувствуван дури на 50 km од епицентарот, а во потесното епицентрално подрачје земјотресот е почувствуван со интензитет од IX и X степени според Европската макросеизмичка скала.

Слика 5. Карта на изосеисти на главниот удар од 8 Март 1931 година. Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје.
Изработил: Д.Хаџиевски, Графичка обработка: Моника Андрееска.

Досегашните сеизмолошки истражувања, укажаа на некои специфични сеизмолошки карактеристики на ова епицентрално подрачје. Од картата на изосеисти на Валандовскиот земјотрес од 8 март 1931 година со магнитуда ML=6.7 и интензитет Io=X (Слика 4) може лесно да се забележи неправилна форма на изосеистите што укажува на сложените сеизмотектонски услови во регионот. Хипоцентрите на земјотресите се концентрираат на длабочини од 10 до 25 km.

За време на земјотресот од 1931 година биле оштетени околу 45 населени места, од кои 29 во најтесното епицентрално подрачје (претежно регионот на Валандово, Слика 5) и 16 во неговата непосредната околина (претежно регионот на Струмица, Слика 6). Во самото епицентрално подрачје скоро целосно бил уништен 89% од севкупниот градежен фонд, додека во непосредната Валандовска околина е уништен 39%. Најтешко погодени, односно сравнети со земја биле селата: Пирава, Јосифово (Караѓорѓево), Валандово, Балинци, Брајковци, Грнчиште, Удово, Градец, Миравци (Миронче), Милетково, Ѓавато, Демир Капија, Давидово, Благуш и Смоквица. Голем број на села во тогашните срезови: Неготински, Дојрански, Струмички и Гевгелиски биле тешко оштетени. Посебно тешко биле оштетени селата Богородица, Стојаково, Богданци, Негорци, Моин, Кованци, Коњско, Серменин (Терменин) и Хома во кои сите објекти биле напукнати, а имало и доста срушени.

Земајќи ја во предвид големината и просторната дистрибуција на оштетувањата бројот на човечки жртви и повредени не бил сразмерно висок. Во овој земјотрес загинале 31, а биле повредени 82 лица. Малиот број на човечки жртви и повредени се должи на двата помали земјотреси кои му претходеле на главниот удар алармирајќи му на населениоето да ги напушти објектите, овозможувајќи поголемиот дел од населението да го дочека главниот земјотрес надвор од објектите.

Најголема смртност (19 лица) е предизвикана во с.Пирава. Критичната ноќ, почувствуван е прилично јак потрес, кој ги натерал селаните да ги напуштат своите домови. После еден час под ведро небо, започнува силен дожд кој ќе ги натера да се вратат назад во своите домови, каде ги затектува катастрофалниот земјотрес. Во Валандово, најтешко оштетениот град (штета оцената на 16 милиони динари, Политика 16 март 1931г.) и најголемо населено место во регионот, регистрирани се само две жртви и двајца повредени. Едната жртва е козар, кој ноќевал на отворено, под карпа која од земјотрсот се обрушува и го усмртува заедно со 260 кози. Втората жртва е воденичар, кој го губи животот поради урување на воденицата (Политика, 11 март 1931г.).

Силниот удар бил причинител и на оштетувања на теренот и природната околина, јасно изразени преку деформации на железничката пруга (Слика 8), значајни површински пукнатини во земјиштето (Слика 7), обрушување на карпести маси (Слика 9), појава на подземни води – извори (Слика 10) и на места значајни денивелации на теренот. Железничката пруга претрпела големи оштетувања на повеќе места во должина од 59km, како последица на денивелацијата и бочните поместувања на теренот, но и избивања на топла подземна вода. На некои места железничката пруга била деформирана во вид на цик-цак линија со амплитуда од 40-50 cm. Поради оштетување на железничките мостови, прекината е железничката комуникација помеѓу Скопје и Солун, која повторно е воспоставена на 10 март (Политика 11 март 1931г.).

Појавени се големи одрони и свлечишта долж патната инфраструктура. На патот за Лисине, околина на Босилеград (Бугарија), поради одрон на „два огромни брега“ затрупан е самиот пат и прекинат е сообраќајот на тој правец (Политика, 8 март 1931).

Најголемите пукнатините во теренот биле забележани помеѓу Валандово и с.Пирава. Во просек овие пукнатини биле широки околу 20 cm од кои избивала топла вода и муљ. Најголемата забележана пукнатина била широка 2 m и долга скоро 1 km. Во епицентралното подрачје скоро сите бунари со питка вода се наполнле со жолтеникава и матна вода. Нивелманот извршен во 1933 година укажа дека, освен наведените површински терестријални промени, котлината на Валандово е спуштена за 40+ сантиметри.

Слика 6.

Силниот удар бил причинител и на оштетувања на теренот и природната околина, јасно изразени преку деформации на железничката пруга (Слика 8), значајни површински пукнатини во земјиштето (Слика 7), обрушување на карпести маси (Слика 9), појава на подземни води – извори (Слика 10) и на места значајни денивелации на теренот. Железничката пруга претрпела големи оштетувања на повеќе места во должина од 59 km, како последица на денивелацијата и бочните поместувања на теренот, но и избивања на топла подземна вода. На некои места железничката пруга била деформирана во вид на цик-цак линија со амплитуда од 40-50 cm. Најголемите пукнатините во теренот биле забележани помеѓу Валандово и с.Пирава. Во просек овие пукнатини биле широки околу 20 cm од кои избивала топла вода и муљ. Најголемата забележана пукнатина била широка 2m и долга скоро 1 km. Во епицентралното подрачје скоро сите бунари со питка вода се наполнле со жолтеникава и матна вода.

Забележано било преполнување на базените во Негорските бањи за време на главниот удар, но и покачување на температурата на водата за 4 степени (од 36 на 40°C), која се вратила на својата нормална температура дури после 10-12 дена. За разлика од оваа бања, бањата кај Струмица после главниот удар скоро целосно пресушила. После скоро 5 недели водата повторно почнала да се враќа во бањата.

Главниот удар од 8 Март 1931 г., е регистриран од бројни сеизмолошки станици ширум светот, од кои најоддалечената е на 18000 km од Валандово, станицата во Велингтон (Нов Зеланд).

Слика 7.

Сите операции на спасување, пружање на медицинска и друга помош на загрозените, снабдување, и други, изведувани се во изразито лоши метеоролошки услови. По серијата на последователни земјотреси во текот на ноќта, на 12 март утрото започнува да дува силен ветер кој ги ги разнесувал керамидите од крововите, шаторите на настраданите дури и соборува неколку телеграфски столбови. Долж целиот свој тек, Вардар бил многу надојден и се излива кај Гостивар и на други места.

По Валандовската катастрофа од сите страни на Кралството Југославија започнала да пристига помош за настраданите. Покрај помошта, стигнале и голем број на телеграми во кои се изразува жалење и болка поради несреќата која го погодила јужниот дел на Кралството. Помошта и телеграмите се примени со благодарност; меѓутоа со оглед дека Кралската Влада (Слика 16) донесе одлука за непримање на прилози од земјата и од странство, сите прилози пристигнати по одлуката на Кралската Влада ќе бидат вратени „на племенитите луѓе, кои ги пратиле, со благодарност и наведеното образложение“ (Политика, 14 март, 1931).

На 16 март (понеделник), управата на „Шипад“ од Бања Лука одлучува да донира бесплатно готова граѓа за домовите на постраданите од земјотресот. Во врска со одлуката, наложено е да сите работилници на „Шипад“ во Добриље и Дрвар работат со „полна пареа“ за да првата пратка може да биде пратена до крај на тековната недела (Политика, 17 март 1931).

Главниот одбор на Црвениот крст (Белград), освен помош во намирници, облека, шатори, ќебиња и други потребштини, определи кредит од 300,000 динари за прва помош, додека Скопскиот обласен одбор подели 400,000 динари „таму каде помошта е најпотребна“ (Политика, 11 март 1931).

Веднаш после големата катастрофата и државата превзела итни мерки за помош на настраданиот регион (Слики 11-14). Донесена е одлука да се помогне на жителите, првенствено на економски понемоќните во епицентрално подрачје во градба, санација и реконструкција на оштетените објекти за домување. Државата во голема мерка ги подржала и работите околу реконструкцијата на оштетената патна инфраструктура. Санирани се оштетените патишта, мостови, препусти и железници. Постои податок дека се реконструирани повеќе од 4283 (од вкупно 7163) објекти за домување од кои за обновата на половината сретствата ги обезбедила државата. Заедно со поправките на инфраструктурните и други јавни објекти, овој земјотрес ја чинел Кралевина Југославија околу 30 милиони динари. Во најтешките моменти, највисоките државни преставници го посетиле погодениот регион во знак на подршка на настраданото население (Слика 15).

За да се оцени обемот на проблемите и штетите, и димензионираат соодветни мерки за итно сместување и планираат соодведни мерки за ревитализација и реконструкција на регионот формирани биле комисии за процена на штети. Комисиите, во чиј состав биле началникот на срезот, еден инженер и еден лекар хигиеничар, формирани се за најпогодените срезови (Неготински, Дојрански, Гевгелиски и Струмички) со задача да ги обиколат сите села во своите срезови, да ги прегледаат урнатите и оштетените објекти, да ги сослушаат кажувањата на сите селани и да во специјално изготвени обрасци точно ги забележат сите теренски наоди, и да подготват и достават сумарен извештај за настраданиот регион (Слика 17), со посебен осврт на бројот на куќи и згради кои: 1) со мали „преправки“ можат веднаш да се стават во функција, 2) после детални преправки можат да бидат ставени во функција, и 3) неможат да бидат ставени во функција, односно мораат да бидат повторно изградени.

Слика 8.

Првата изјава на сочуство (Политика, 11 март 1931г.) стига од, председателот на Грчката Република г-дин. Заимис кој изразува длабока симпатија за постраданите од земјотресот. Сочуства стигаат и од голем број на Европски земји (по азбучен ред: Белгија, Велика Британија, Германија, Италија, Пољска, Унгарија, Чехословачка, Швајцарија, Шпанија и други).

Земјотресот, страдањето на народот и напорите на државата за санација на настанатите состојби биле медиски одлично покриени. Информирањето е ослободено од сите самопромотивни или спектакуларистички тематологии, било коректно и обезбедувало двосмерен проток на информации од настраданото подрачје до државата и од државата до настраданите. Главен национален медиум е Политика, меѓутоа и други весници. Освен дневните информации за настанатата штета, потребите на населението и превземените мерки, дадени се и описи на реакциите и оценките на психо-физичката реакција на населението изложено на континурано дејство на голем број на последоватени земјотреси во изразито лоши мереоролошки услови (јаки дождови, олујни ветрови, дури и снег), наслови како „Језиви призори во порушените села“ (Политика, 10 март 1931), или „Урнатини од Демир капија до Гевгелија“ (Политика, 14 март 1931), се секојдневни теми стандардно присутни во сите изданиа од 8 март 1931г. На обемот на катастрофата внимание му посветуваат и странските медиуми чии дописници или новинари го посетуват настраданото подрачје (Журнал, Луи Комбализијас, Париз; Чикаго Трибун, САД, Густав Свансон, дописник од Париз; Елефтерон Вима, Атина, Хамијотис, главен уредник и други).

За филмување на деструкцијата предизвикана од земјотресите од 7 и 8 март, интерес покажуваат Виенски и Париски кинооператори. На 13 март 1931г. во погодениот регион пристигнуваат г.Ади Мајер (Виена) и г.Сантион Сазио (Paramount Pictures, Париз) со посебен интерес за филмување на „опустошените места“ Пирава, Валандово, Јосифово (Караѓорѓево) и Струмица.

Слика 9.
Слика 10. Сеизмограм, компонента NE, снимен во станицата во Белград, 7 Март 1931 г. Фото документација, Mihailovic, 1936.

Сеизмичка опасност за поширокиот регион на Валандово

Потесниот регион околу Валандово според најновите карти на сеизмичко зонирање (Слика 19) припаѓа во зона со највисока сеизмичност во Македонија (Z-5). Оттаму, објектите кои ќе се градат во овој регион според европсите прописи ќе захтеваат највисоко ниво на сеизмичка заштита.

Слика 11. Карти на сеизмичко зонирање на Македонија за повратен период од 475 год., изработени според барањата на стандардот МКС EN 1998-1:2012 – Еврокод 8 Извор на податоци: Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, УКИМ-ИЗИИС, Скопје.
Автори: З.Милутиновиќ, Р. Шалиќ; Соработници: Н. Думирџанов, В. Чејковска, Л. Пекевски, Д. Томиќ

Автори: проф. д-р Зоран Милутиновиќ 1, д-р Драгана Черних-Анастасовска 2, проф. д-р Никола Думурџанов 3, доц. д-р Радмила Шалиќ 1, м-р Катерина Дрогрешка 2, д-р Вера Чејковска 2, м-р Јасмина Најдовска 2, Даниел Томиќ 1.

1 Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

2 Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Природно-математички факултет, Сеизмолошка обсерваторија.

3 Рударско-геолошки факултет во Штип.

Објавено во ПОРТА3, бр. 262, ноември 2017, стр. 42-45.

www.porta.mk