27 March 2025
АрхиваМакедонија

Прошетка низ македонските градови: Велес

оригинално објавено на: 26 Dec 2011

Велес се наоѓа во централниот дел на Република Македонија во средното течение на реката Вардар  на надморска височина од 158 до 260 метри. Стариот дел има амфитеатрален облик, со куќи распоредени по долинските страни на двата брега на Вардар, додека новиот дел се шири надвор од клисурата од десната страна на реката и има современ изглед. Има поволна географска положба и сообраќајни врски со голем радиус. Лежи на главната сообраќајница на Балканскиот Полуостров по Моравско-Вардарската долина, а низ градот минува и главната железница во Република Македонија од која се одделуваат два крака: едниот за Источна Македонија (Штип и Кочани) и другиот за  југозападниот дел на државава (Прилеп и Битола). Со тоа по Скопје, Велес е најважниот железнички јазол во државава.

Велес е стар град кој се споменува уште во III век под името Вила Зора. Се претпоставува дека стариот град не лежел на денешното место, туку на утоката на реката Тополка во Вардар. Овој град бил најголем во државата Пеонија која се наоѓала помеѓу реките Аксиј (Вардар) и Стримон (Струма). Во 217 год. п. н. е Вила Зора (позната и како Била Зора), потпаднала под власта на Македонија се до доаѓањето на Римјаните на овие простори. Во римско време градот сосема опаднал и не се споменува во историските извори. Во 395 год. просторот на денешниот град потпаѓа под власта на Византија. Со доаѓањето на Словените градот бил преименуван во Велес.

За потеклото на името на градот постојат неклку преданиски толкувања. Според едни името  настанало од името на старословенскиот бог на стадата и пасиштата Волос, кој во голема мера се почитувал бидејќи во просторот на Котлината и околните ридови имало многу стада овци; според друга легенда во минатото на просторот на денешниот град постоела густа шума од каде месните жители се снабдувале со дрва за огрев, за изградба на куќи и сплавови итн. Населението кога оделе во шума велеле дека одат в лес (старослов. Лес значи шума, гора). Од формата в лес или во лес е добиено името Велес.

Како населба се споменува и во времето на Византија и средовековна Србија. Од втората половина на XIV век потпаѓа под Турска власт кога се нарекува Ќупурли (на турски значи град-мост) и топографски се поместува на денешното место. Во XVII и XVIII век представува познат град и владичко седиште. Еден век подоцна, пред изградбата на Вардарската железница, Велес имал улога на важен сообраќаен крстопат и познат трговски град со силно развиено занаетчиство, а посебно грнчарството. Во истиот период преку сплавови по Вардар се пренесувало жито и вино за Солун. По Балканските војни и Првата светска војна градот губи дел од поранешните функции што се одразува и врз популацискиот развој. По Втората светска војна благодарение на поволната географско-сообраќајна положба, Велес (преименуван во Титов Велес во 1946 год. се до 1998 год.) се развива во силен индустриски, управен и културен центар. На тој начин јакне неговата улога на гравитациски центар за околните селски населби  и во периодот по војната, а посебно од 1961 до 1981 година, е под силен притисок на мигранти од околните села. Напоредно со ова од 1948 година до 1994 година бројот на населението во градот е во постојан пораст (1948 год. 15350 жители; 1953 год. 19373 жители; 1961 год. 27154 жители; 1971 год. 36525 жители; 1981 год. 42557 жители; 1994 год. 46798 жители; 2002 год. 46714), за да во 2002 година бележи мало намалување на населението. Според бројот на жители во 2002 година е на шесто место меѓу градовите во земјава.

Главна одлика на велешкото стопанство е индустријата: индустрија на неметали и градежни материјали, металопреработувачка индустрија, керамичка индустрија, текстилна индустрија, прехранбена индустрија, крзнарската индустрија итн). Денес како развиен сообраќаен јазол представува функционално средиште од повисок ранк во Средното Повардарие. Со тоа има голема влијателна гравитациона зона посебно изразена по сливните подрачја на реката Бабуна и Тополка, која се шири и кон Овчеполието и Тиквешијата. Велес има и културно-историска вредност. Тој е градот на Солунските атентатори познати како Гемиџии, Ј. Х. Константинов-Џинот, Коле Неделковски, Кочо Рацин итн. Секоја година во него се одржува поетската манифестација Рацинови средби.

(текстот е дел од проектот Географски лексикон на Република Македонија, кој е работен на Институтот за географија под раководство на проф. д-р Васа Даскаловски)

Автор: д-р Билјана Апостоловска-Тошевска, Институт за географија, ПМФ, Скопје