Проф. д-р Драган Колчаковски – по повод 60 години од животот
оригинално објавено на: 31.10.2018

Вистинска чест и задоволство е да се пишува за проф. д-р Драган Колчаковски, редовен професор на Иститутот за географија при Природно-математички факултет во Скопје, по повод 60 години од неговиот живот и во последните децении еден од водечките геоморфолози во југоисточниот дел на Европа.
Проф. д-р Драган Колчаковски е роден на 23 јуни 1958 година во Скопје. Во 1982 година, со дипломската работа „Природно-географски карактеристики на Кадина Река“, под менторство на Проф. д-р Душан Манаковиќ, дипломира на Географскиот факултет во Скопје. Во 1991 година, на темата „Крашки рељеф Скопске Котлине”, под менторство на Проф. д-р Драгутин Петровић, магистрира на Природно-математичкиот факултет во Белград, а во 1996 година со темата „Морфогенетски процеси и нивните релјефни форми на високопланинските предели на планините Јабланица, Стогово, Стара Галичица и Пелистер”, докторира на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 1984 година се вработува како помлад асистент на Географскиот факутет во Скопје, а во 2006 година е избран за редовен проферсор на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Научно-истражувачката активност на професорот д-р Колчаковски може да се подели на два основни периоди. Во првиот, почетен период, речиси исклучиво се посветува на истражување на карстот и карстниот феномен во Македонија од што произлегуваат повеќе трудови и неколку монографски изданиа. За најзначајни резултати може да се сметаат истражувањата на повеќе, дотогаш непознати пештери, како што се: Драчевската, Христијановата, пештерата Слатински Извор, пештерите во источниот дел на Република Македонија, на планината Галичица и други. Уште со својот прв труд, презентиран на 9-от Конгрес на спелеолозите од поранешна Југославија, одржан во Карловац во 1984 година го свртува вниманието. Еминентниот геолог од Загреб, Академик Милан Херак, за новоистражената пештера Слатински Извор, со својата должина од 800 метри, истакнува дека е најголемата ваква појава во најстарите карбонатни карпи (прекамбриумски формации) во Светот. Интересно е да се напомене дека по предавањето на магистерската работа за рецензија во познатата белградска школа за карстологија, кај еминентниот геоморфолог, професорот Петровић, истиот на неколкумина магистранти им го проширува обемот за работа на веќе пријавените магистерски теми за да бидат на „исто ниво”со темата што ја приложува проф. д-р Колчаковски. Во вториот период, проф. д-р Колчаковски интересот го насочува кон геоморфологијата на високопланинските предели, проблематика со која малкумина геоморфолози на Балканот претходно се зафаќале. Kомуникацијата и соработката за оваа проблематика што ја воспоставува со водечките авторитети во Светот, како: проф. д-р Klaus Hein од Географскиот институт на Универзитетот во Bonn (Deutschland), проф. д-р Stefan Hasterath од департментот за Метеорологија на Универзитетот Wisconsin (USA), проф. д-р Kurt Graf од Географскиот институт на Универзитетот во Zurich (Schweiz), проф. д-р Jirgen Hagedorn од Географскиот институт на Универзитетот во Gottingen (Deutschland), проф. д-р Sten Rudberg од Географскиот институт во Goteborg (Schweden) и проф. д-р Alan S. Tranhaile од департментот за географија на Универзитетот Windsor (Canada), му овозможува солидно да ги постави тезите на докторската дисертација. Со овие истражувања, како научен предизвик, а подоцна и во наставата по геоморфологија, во Република Македонија ја воведува периглацијалната геоморфологија, дотогаш маргинално и не соодветно третирана проблематика.

Апликативноста на неговите истражувања ја валоризира во активности за заштита на повеќе локалитети или појави, како што се Алшар, Јабланица, Шар Планина, Маркови Кули и др. Како резултат на неговите истражувања и елаборација, локалитетот Маркови Кули и пештерата Слатоински Извор се ставен на привремената листа на УНЕСКО како светско природно наследство.
Во наставата што му е доверена посветува, исто така, сериозно внимание од што произлегуваат пет универзитетски учебници и четири практикуми. Посебно значајни се учебникот Биогеографија кој се користи и во наставата на Институтот за биологија, додека за учебникот со монографски карактер Физичка географија на Република Македонија може да се каже дека, ваква слична публикација немаат ниту соседните држави со многу поголема традиција во географијата. За учебникот Геоморфологија, еминентните балкански геоморфолози се изкажуваат исклучително позитивно. Така, на пример, Академик Ivan Gams (Ljubljana), еден од водечките карстолози во светот по Втората Светска војна, вели дека „Knjiga Geomorfologija je na kvalitetnem nivoju mednarodnih učebnikov za geomorfologijo. Predlagam njenem avtorju prof. dr. Draganu Kolčakovskemu, da tehničko izboljša ilustracije, tekst prevede v enega od mednarodnih jezikov in knjigo izda v mednarodni založbi” додека, Проф. Балтаков (София) истакнува дека „…учебникът може свободно да се исползува и от бъгарских студенти и аз вече го препоръчам като материал за курса ми по Обща геоморфология за студентите по Геология и География от бакалавърския курс в Софийския и Пловдивскя университети”. Професорот Гавриловић (Београд) истакнува дека „Уџбеник је добро концепиран, са јасно и прегледно изложеним садржајем и на високом стручном нивоу. Заснован је на најновијим научним сазнањима из ове дисциплине у свету, што се односи не само на текст, већ и на графичке прилоге. По бројним фотографијама аутора може се закључити да је доста материјала сакупио путовањем по свету”.
Професорот д-р Колчаковски за натамошен развој на геоморфологијата и воопшто на физичката географија, оформува геоморфолошка лабораторија на Институтот за географија при ПМФ и покренува периодично списание „Билтен за Физичка Географија” од кое до денес се излезени 8 броја.
Покрај редовната теренска настава со повеќе генерации студенти на територијата на Република Македонија, професорот Колчаковски во неколку наврати на врвно професионално ниво за студентите организирал и факултативна теренски настави во поблискиот регион, како што се: теренската настава во Италија (2003 и 2011 година), со главна цел посета на вулканот Везув. На неколку наврати посета на Шкоцијанска Јама во Словенија, Плитвичките Езера во Хрватска, Моравскиот карст во Чешка (2010 година), Метеори и Халкидики во Грција, како и на повеќе наврати во атрактивната од геоморфолошки аспект област Кападокија во Турција.
Подготвила: м-р Анита Тодорова