Промоција на Институтот за географија при ПМФ-УКИМ во Скопје
оригинално објавено на: 02.06.2021
Со цел доближување на студиските програми на Институтот за географија до сегашните матуранти и идни студенти, како и подобро запознавање со капацитетите, ресурсите и можностите што ги има истиот во вршење на својата високообразовна дејност, во изминатите 30-тина дена се изработени современи мултимедијални презентации. За таа цел е употребена најсовремена дронска технологија, која заедно со други софистицирани техники се користи во изведувањето на предметните содржини на повеќе насоки на Институтот.
Институтот за географија е високообразовна институција со долгогодишна традиција. Истиот континуирано ги следи новите достигнувања во географијата, но истовремено е центар на научните и апликативните истражувања кои значително придонесуваат за развојот на науката во нашата држава. Високостручниот кадровски потенцијал, богатото искуство во високо образование од над 95 години, одличната просторна и техничка опременост, овозможуваат студирање со современи светски стандарди. Освен додипломски студии, на Институтот за географија се организираат магистерски и докторски студии, со што целосно е заокружен образовниот процес на највисоко ниво.
Дипломираните студенти на географија се стекнуваат со универзитетска диплома која е меѓународно признаена. Во рамките на својата наставна дејност, Институтот за географија нуди можност за студирање на 5 студиски програми на прв циклус, и тоа:
наставна географија
географски информациски системи-ГИС
физичка географија со геоекологија (нова насока на Институтот за географија)
демографија и
туризам.
Наставна географија е студиска програма на која ја запознавате географијата во целост, станувате дипломиран географ спремен своите знаења да ги пренесе на идните генерации. Се запознавате со содржини кои ви ги отвораат видиците и погледите кон Светот. На оваа студиска програма имате можност да ги изучите сите сфери од географијата, вклучувајќи и предмети од педагошки карактер. Можности за вработување имате главно во образовни институции (основни и средни училишта).
Географски информациски системи-ГИС е студиска програма на која се третираат најсовремените географско информатички техники и технологии во Светот. Програма во која со помош на компјутерската техника се пласираат огромен број картографски и географски содржини од кои се генерираат аналитички резултати. На оваа студиска програма имате можност да користите современи софтверски пакети за креирање на дигитални карти, кои што имаат повеќенаменска примена и цели. Во можности за вработување се вбројуваат картографско-издавачки куќи, ГИС и геодетски одделенија, приватни проектантски компании, институции за планирање и развој, институции на локалната самоуправа и др. Новите развојни текови во општеството очекуваат токму вакви стручни лица во областа на ГИС.
Физичка географија со геоекологија е нова насока на Институтот за географија на која студентите ќе се запознаат со природно-географските фактори, процеси и појави (релјеф, клима, хидрографија, почви и др.) кои се од големо значење за населеноста, економијата, туризмот и заштитата на животната средина на некој простор. Овие студии имаат за цел да формираат кадри, кои користејќи ја соодветната истражувачка методологија и современата технологија добиваат знаења со голема практична вредност. Обучените кадри може успешно да работат во повеќе институции на државната управа, локалната самоуправа, во стопански организации, разни проектантски организации, медиуми, агенциски институции и други разни информативни дејности, центар за управување со кризи и сл.
Демографија е студиска програма посветена на формирање кадри кои постојано ќе ги проучуваат демографските појави и процеси. Оваа наука го изучува населението како природна, општествена и статистичка категорија, има за цел да ги анализира карактеристиките на населението и помага да се добијат сознанија кои што ќе се употребат за правилно планирање. Значаен акцент се става и на проучувањето на населбите како покарактеристични делови на геосферата. Статистичките институции, институциите за планирање и развој, аналитичките и истражувачките центри имаат потреба од дипломирани демографи. Во таа смисла, потребата од вакви кадри е неминовност.
Туризам е студиска програма која ви ги отвара видиците кон туристичките потенцијали и движења во Светот и кај нас. Програма низ која се профилираат кадри со широк дијапазон на знаења и практична примена на работа во разните туристички и угостителско-туристички организации. Со диплома од оваа насока имате можности за вработување во туристички агенции, хотели, туристички центри и др. Ориентирајте ја својата иднина, студирај туризам.
Во контекст на придобивките од Институтот за географија, неминовно е да се напомене и постојаната теренска настава и истражувања во природа, како можност за дополнување на стекнатото теоретско знаење. Исто така, во сите насоки се изведуваат студентски пракси во соодветни институции и компании, со тоа што студентот се стекнува со дополнително практично знаење за одредена област. Тука не смеат да се изостават и студентските размени, како што е програмата CEEPUS и др., како и Истражувачкото здружение на студенти географи “Природник” како и соработката со Македонско Географско Друштво. Исто така, на располагање ви е ИГЕО порталот, единствениот и доста следен географски портал во нашата држава, на кој може да ги објавите своите оригинални статии и да ја претставите вашата оригиналност.
Поради тоа, почитувани драги матуранти и идни студенти, планирајте и креирајте ја својата иднина на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Географијата го движи Светот. Студирајте географија – бидете географи!
Страната на Институтот:
https://ig.pmf.ukim.edu.mk/
Промотивни содржини:
https://prezi.com/p/d5gvm5di-tvm/presentation/?present=1
https://www.youtube.com/watch?v=riSL1kbzZs4&t=2s
https://www.youtube.com/watch?v=CSOeO7fJ9-g
http://www.mgd.mk/
Природно-математички факултет, Институт за географија | Facebook
ИНСТИТУТОТ ЗА ГЕОГРАФИЈА ВЕ ОЧЕКУВА!!!
Подготвиле: д-р Ивица Милевски, Бојана Алексова и Христина Ниневска – Институт за географија, ПМФ