Промени на светската индустриска карта
оригинално објавено на: 07 Dec 2011
Индустриската карта на светот проследена од почетоците на индустријата, до денес е видно изменета. Посебно нагласени измени се евиденти од средината на минатиот век па наваму и тоа кај поедини индустриски гранки како црната металургија, машинската, електронската и електротехничката индустрија. Иако причините за промени во географската разместеност се разновидни како од економска, географска и политичка природа, податоците посочуваат на тоа дека тежиштето на црната металургија е нагласено поместено кон азискиот континент, каде лидери се Кина, Индија и Јапонија, како и Јужна Кореа. Со тоа секако црната металургија не престанува да постои и во старото европско јадро на црната металургија, како и во САД, но две третинското водство во производството на сурово железо и челик во однос на вкупното светско производство е доволен аргумент за силно развиената црна металургија во Азија, за која до средината на минатиот век се врзуваа скромни резултати на прозводството. Видни позитивни измени во производството во црната металургија е забележано и во Бразил и тоа во последиве 30 години.
Со тоа поставени се силни предуслови за развој на машинската индустрија, која пак повторно доживува невиден просперитет кај наведениве подрачја кон крајот на 20 век, а посебно во првото десетлетие на 21 век. Нагласен е порастот на автомобилската индустрија и смена во лидерската позиција прво на САД, па Јапонија, за да денес на врвот во производството на автомобили е Кина.
Кај азиските земји се забележува интензивен продор и на полето на електротехничката и електронската индустрија, иако очигледно е дека САД и високоразвиениете европски земји сепак успеваат да ги задржат високо котирачките улоги во овие индустрии, а посебно кај компјутерската индустрија, микроелектрониката и слично.
Измените во географската разместеност кај некои од индустриските гранки најверојатно во иднина ќе бидат уште поинтересни за следење, од причина што менувањето на лидерските позиции и широката географска разместеност кај индустриските гранки од видот на црната металургија, машинската, електротехничката и електронската индустрија ќе допринесат измени и кај економската моќ на овие индустриски земји и нивната улога на полето на вкупната економска и политичка светска сцена.
Автор: д-р Билјана Апостоловска Тошевска