7 November 2024
АктивностиАрхива

Приматијада 2012

оригинално објавено на: 05 May 2012

Во периодот 28.04.-03.05.2012 година во Албена на бугарското приморје се одржа 39-тиот по ред собир на природно-математичките факултети од регионот – Приматијада 2012. Повторно на едно место се собраа околу 2000 студенти од просторите на поранешна Југославија за да се натпреваруваат во спорт и наука, но и да се дружат и стекнуваат нови пријателства. Овој пат организатор беше хемискиот факултет од Белград и одлично се покажа во таа улога. Од изборот на локација, хотел, исхраната, организацијата на натпреварите и слободното време, се до временските услови, се функционираше беспрекорно.

ПМФ Скопје и овој пат го претставуваа околу 100 студенти кои земаа учество во сите натпреварувачки дисциплини, а воедно остварија и одлични резултати. Па така преку првото место во физика, вторите места по географија и биологија и третите места по хемија и информатика, надополнети со медалите во фудбал, пинг-понг, одбојка, ракомет и тенис, нашиот факултет повторно стана освојувач на главниот пехар наменет за апсолутниот победник на Приматијада 2012.

По тој повод последната вечер мина во знакот на ПМФ Скопје и Македонија, сите честитаа на освоеното прво место, а ние возвративме со организацијата на една незаборавна забава. Приматијада 2012 заврши, но убавите спомени уште долго ќе останат во сеќавањето на сите студенти.

Подготвил: Александар Кирковски