Приказната за Kекенхоф – декорот на Холандија
оригинално објавено на: 15.05.2020
Кекенхоф или уште познат како „Европска цветна градина“ е еден од најпознатите и втор по големина цветен парк во Светот. Се наоѓа во близина на градчето Лисе (Lisse) – јужна Холандија. Се простира на површина од 32 хектари и секоја година во него се садат нови 7 милиони најразновидни цветови. Гледано од птичја преспектива, тие изгледаат како пространи цветни килими во најразлични бои.
Дворецот во Кекенхоф e изграден 1641 год. и денес зафаќа површина од околу 200 хектари. На холандски јазик Кекенхоф значи „Зеленчукова градина“ (kitchen garden). Првенствената намена му била да претставува извор на билки кои се користеле во кујната на грофицата Jacqueline од дворецот Teylingen. Цветната градина во Кекенхоф е основана во 1949 год. од тогашниот градоначалник на Lisse заедно со уште 20 одгледувачи на цвеќиња. Паркот своите врати за јавноста ги отвора 1950 год. со вкупно 236 000 посетители само во првата година. Денешната форма и изглед на паркот датира уште од далечната 1857 год. а го осмислил познатиот архитект Jan David Zocher.
Паркот го сочинуваат повеќе атракции, и тоа неколку градини и 4 големи павилјони низ кои може да се види целокупната историја и традиција на одгледувањето на лалето во Холандија. Најдобро време за посета на паркот е од средината на март до средината на мај, кога цвеќињата се во полн цвет. Во паркот е прикажана фантастична колекција од разновидни лалиња, зумбули, нарциси, орхидеи, каранфили, рози и секоја година имаат различен изглед, испреплетен со спектар од најразлични бои и мириси, кои буквално ќе ве опијат.
Изложувачите што учествуваат во уредувањето на градината Кекенхоф се дел од Холандските производители, кои во моментов се околу 90-тина. На секој производител му се доделува определена површина за декорирање, а воедно тие површини се со најразлични аранжмани. Кекенхоф е една од главните туристички атракции во Холандија и годишно привлекува околу 800 000 посетители од целиот свет. Тема на овогодинешната изложба е „Van Gogh – 125 години инспирација“.
За оние што сакаат да ги видат прекрасните цветни аранжмани можат да ја посетат опсерваторијата во рамките на дворецот од каде глетката и доживувањето се неповторливи.Без двоумењ е цветната градина во Кекенхоф е единствена во светот, која доколку ја посетите ќе доживеете едно несекојдневно и незаборавно искуство.
Извори:
en.wikipedia.org/wiki/Keukenhof
en.wikipedia.org/wiki/Keukenhof#History
www.porta3.mk/
www.holland.com/global/tourism/article/keukenhof-21.htm
cheeseweb.eu/2014/04/facts-about-keukenhof-gardens-tulips-netherlands-
www.pbs.org/newshour/rundown/fields-flowers-bloom-brighten-netherlands/
Подготвила: Виолета Јаноска – О.У. „Коле Неделковски“ – Скопје