14 November 2024
АрхиваМакедонија

Прекрасното село Ниќифорово покрај брегот на Мавровското Езеро

оригинално објавено на: 17.04.2013

Селото Ниќифорово се наоѓа во западниот дел на Република Македонија, општина Маврово-Ростуше, на самиот брег на Мавровското Езеро. Од градот Гостивар е оддалечено 32 км, а до него може да се стигне по магистралниот пат М4, потоа патот се издвојува и се продолжува по регионалниот пат P-409, каде повторно се издвојува локален пат P-413 и минувајќи низ селото Леуново се пристигнува до Ниќифорово. Во селото има околу 100 куќи, поголемиот дел викендици, а само 2-ца (2007 год.) постојани жители. Претставува дел од националниот парк Маврово и се наоѓа на надморска височина од 1250м под планината Бистра. За Ниќифорово може да се каже дека е стара населба, а за тоа најдобро ни говори Црквичето на Бор. Археолошките ископувања, околу месноста Бор, потврдуваат постоење на манастирски комплекс, а на база на пронајдените остатоци, археолозите сметаат дека црквичето потекнува од V-VII век. Во ова црквиче, се до палењето на селото од страна на Германците во 1943 година, се одржувало црковна служба. Како куриозитет можат да се спомнат боровите кои се наоѓаат околу ова црквиче. Се верува дека се донесени и посадени од пред 300 години. Како такви опстојуваат и до ден денес, растат, но не се размножуваат.

Слика 1.

Судејќи според научната теорија досега би требало да има цела шума од борови. Осврнувајќи се кон поновата историја за Ниќифорово може да се каже дека има дадено борци во НОБ за Македонија, меѓу кои најистакнат е Чеде Филиповски – Даме за кого постои и спомен куќа во самото село. Обичаите и културата биле најизразени се до појавата на југословенската догма (прва аграрна реформа, втора аграрна реформа, задолжителен откуп, задругарство и.т.н.). Оваа догма не ги дала очекуваните резултати и мештаните за да ги обезбедат основните потреби за живот почнале да мигрираат кон „индустриските градови“. Гледано на овој предел од природен аспект има многу што да понуди. Посебно за време на пролета и есента до израз доаѓа естетскиот атрибут, каде шаренилото на природата нема да ве остави рамнодушни.

Потоа тука е и Мавровското езеро кое се полни со вода од реката Радика која претставува едниствена бифуркација (вештачка; дава вода на два речни слива) во нашата земја. Ниќифорската река која поминува низ центарот на селото, буквално под сретсело. За време на летниот период, иако се наоѓа на голема надморска височина, има големи температурни разлики помеѓу денот и ноќта. Околината е богата со лековити билки и растенија. Во подоцнежната пролет зреат миризливи шумски јагоди, малини, а пак во есента капини црни како грозје. Од светот на фауната на овие простори можеме да го сретнеме и рисот, кој се смета за национален симбол на Македонија, отпечатен на македонската петденарка. Според сето досега изнесено не верувам дека некој „авантурист“ би можел да остане рамнодушен. Но не само „авантуристите“. Секој оној кој сака да избега од градскиот метеж, од брзото темпо на секојдневниот живот, секој оној кој сака да го почуствува свежиот и чист воздух, ова место го нуди тоа. Може да се сместите во ново изградените викендички. Со секоја ваша посета овозможувате за афирмација на ова село. Со секоја ваша посета овозможувате и за ревитализација на селото. Сепак последниот збор останува на надлежните институции, кои пак ако не се заинтересираат, ова село, како и многуте други, ќе остане во заборав засекогаш.

Извори:

– Ниќифорово: нашето родно огниште – Ацо Филиповски; Скопје, 2008

– лични сознанија

Подготвил: Петар Киприновски