25 January 2026
LatestАктивностиМакедонија

Предавање на проф. д-р Благоја Маркоски на курсот „ГИС и далечинска детекција за управување со водни ресурси“

30.12.2025

На ден 26 декември 2025 година, во просториите на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Благоја Маркоски, редовен професор од Институтот за географија одржа стручно предавање на тема „Вовед во картографија и картографски методи“. Предавањето беше реализирано во рамки на сертифицираниот курс за доживотно учење „ГИС и далечинска детекција за управување со водни ресурси“, кој е конципиран како поддршка на континуираниот личен и професионален развој на стручни кадри и професионалци од министерства, општини, јавни претпријатија, приватни инженерски компании, невладини организации и истражувачки институции; како и студенти од техничките и еколошките науки.

Слика 1. Предавање на проф. д-р Благоја Маркоски

Во текот на предавањето, професорот ги презентираше основните концепти и принципи на картографијата, со посебен акцент на картографските методи за прикажување, анализа и интерпретација на просторни податоци, како и нивната примена во рамки на географските информациски системи (ГИС). Дополнително, беа разгледани и современи пристапи и техники за визуелизација на просторни информации, релевантни за ефикасно управување со водните ресурси.

Слика 2. Предавање на проф. д-р Благоја Маркоски

Посебна вредност на предавањето беше интерактивниот пристап, при што слушателите активно учествуваа во процесот на учење. Преку практични примери и водени задачи, учесниците имаа можност самостојно да се ориентираат и снајдат на карта, да препознаваат просторни елементи, да анализираат симболи, размери и координатни системи, како и да ги поврзат картографските прикажувања со реални просторни појави. Овој начин на работа овозможи подлабоко разбирање на материјата и поттикна дискусија и размена на искуства меѓу предавачот и слушателите.

Овие предавања имаат исклучително значење за учесниците, бидејќи придонесуваат кон продлабочување на теоретските знаења и нивна директна примена во практични ситуации, особено во контекст на просторното планирање и управувањето со водните ресурси. Развивањето на картографска писменост и способноста за правилно читање и интерпретација на карти претставува клучна компетенција за стручњаците кои работат со просторни и геопросторни податоци.

Изработил: Асс. м-р Емилија Маневска