27 March 2025
LatestГеовести

ПРЕГЛЕД НА ЛИТЕРАТУРА

Олгица Димитровска (2024): Основи на географијата

На задоволство на географската и на пошироката читателска публика неодамна во издание на издавачката куќа Тримакс од Скопје, излезе од печат универзитетскиот учебник Основи на географијата од авторот проф. д-р Олгица Димитровска.

Трудот е резултат на повеќегодишни истражувања, сублимирање на материјали и изведување на настава по предметот Основи на географијата на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Имајќи ја предвид наставната програма по овој предмет, во овој универзитетски учебник акцентот е ставен на објаснување на основните и релевантните теоретски и методолошки поставки и развојот на географијата како наука, почнувајќи од првите географски сознанија во праисторијата, преку нејзиното научно втемелување, па сè до денес.

Слика 1. Насловна страна од универзитетскиот учебник

Материјалот е изложен во осум поглавја: Развој на географијата како наука, Развој на географските сознанија во праисторијата, Географски знаења и откритија во стариот век, Географски знаења и откритија во средниот век, Епоха на големите географски откритија, Географски знаења и откритија во XVIII век, Географски истражувања во XIX и XX век и Развој на модерната географија. При тоа на крајот од секое поглавје е приложена и користената и консултираната литература.

Дополнително на крајот презентирана е Библиографијата како и Анекси со Хронологија на настани и Индекс на поими. Содржините се презентирани на 368 страници (B5 формат) заедно со 79 слики и карти испечатени во боја.

Слика 2. Содржина на универзитетскиот учебник
Слика 3. Содржина на универзитетскиот учебник

Универзитетскиот учебник првенствено е наменет за студентите по географија на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Меѓутоа, благодарение на опфатениот материјал, може да ја користат и наставниците по географија кои работат во училиштата, географите кои се занимаваат со научни истражувања, како и за сите љубители на географијата со желба да ги продлабочат своите географски знаења.

Подготвил: асс.м-р Емилија Маневска