Прв академски час за новозапишаните студенти на Институтот за географија
оригинално објавено на: 16.9.2015

Вчера (15.09.2015 година), во големиот амфитеатар на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа првиот академски час за новозапишаните студенти во учебната 2015/16 година. На свечениот час, на студентите им се обрати деканот на факултетот, проф. д-р Ицко Ѓоргоски. По заедничкиот час на студентите-бруцоши на ПМФ, за студентите на Институтот за географија свеченоста продолжи во големиот амфитеатар на Институтот. На свечениот час исто така присуствуваше наставниот, помошниот и техничкиот кадар на Институтот. При тоа, на студентите им се обрати раководителот на Институтот за географија, проф. д-р Ристо Мијалов, кој им посака пријатно добредојде и успех во студирањето. Воедно тој накратко ги запозна студентите со Институтот, неговиот голем наставно-научен и технички потенцијал, современата опременост, 90-годишната традиција, а го претстави и кадарот на Институтот. На крај на студентите им беа поделени индексите. Веќе од денес, започна изведување на редовна настава и сите предвидени активности.

Инаку оваа година на четирите насоки на Институтот за географија (наставна, географски информациски системи, туризам и демографија) се запишаа дури 118 студенти. Тоа секако е одраз на современите насоки и услови за студирање на Институтот, врвниот наставен кадар со кој располага, позитивниот пристап, изведувањето на соодветни теренски настави во земјава и во странство и др.
Во оваа пригода ИГЕО-порталот им посакува успех на студентите на Институтот за географија, но и на сите останати не само во оваа учебна година, туку и во целокупното студирање!