22 January 2025
Архива

Првиот свечен час за новозапишаните студенти на Институтот за географија!

оригинално објавено на: 22.09.2013

Во понеделникот на 16.09.2013 година, во големиот амфитеатар на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа првиот академски час за новозапишаните студенти во учебната 2012/13 година. На свечениот час, на студентите им се обрати Министерот за образование г-дин Спиро Ристовски, како и Деканот на факултетот, проф. д-р Ицко Ѓоргоски.

Слика 1.

По заедничкиот час на студентите-бруцоши на ПМФ, за студентите на Институтот за географија свеченоста продолжи во големиот амфитеатар на Институтот кој речиси беше претесен да ги собере близу 120-те новозапишани студенти. На свечениот час исто така присуствуваше наставниот, помошниот и техничкиот кадар на Институтот. При тоа, на студентите им се обрати раководителот на Институтот за географија, проф. д-р Ристо Мијалов, кој им посака пријатно добредојде и успех во студирањето. Воедно тој накратко ги запозна студентите со Институтот, неговиот голем наставно-научен и технички потенцијал, современата опременост, 90-годишната традиција, а го претстави и кадарот на Институтот. На крај на студентите им беа поделени индексите и електронските прирачници за наставата. Веќе од вторник, се започнува со изведување на редовна настава и сите предвидени активности.

Инаку оваа година на четирите насоки на Институтот за географија (географски информациски системи, туризам, демографија и наставна) се запишаа околу 120 студенти. Тоа секако е одраз на современите насоки и услови за студирање на Институтот, врвниот наставен кадар со кој располага, позитивниот пристап, изведувањето на соодветни теренски настави во земјава и во странство и др. Бројката ќе беше значително поголема доколку оваа година, од страна на МОН не дојде речиси до укинување на наставната насока која егзистира без прекин 90 години. Причините за тоа останаа нејасни, но се надеваме дека што поскоро ќе се обнови бројот на студенти запишани на наставната насока.

Воедно, треба да се напомене дека на некои институти на ПМФ, како на Институтот за физика, значително е зголемен бројот на студентите, што позитивно ќе се одрази врз работата, атмосферата и имиџот на целиот факултет.

Како и да е, во оваа пригода ИГЕО-порталот им посакува успех на студентите на Институтот за географија, но и на сите останати не само во оваа учебна година, туку и во целокупното студирање!