Практична настава со посета на луксузниот хотел и касино комплекс Принцес Рамада во Гевгелија
оригинално објавено на: 22.06.2014
Во месец март, во организација на Институтот за Географија при Природно – математичкиот факултет од Скопје беше изведена еднодневна теренска настава за студентите од насоката Туризам. Патувањето се одвиваше на релација Скопје – Гевгелија – Скопје. Целта на оваа теренска настава беше посета на еден од најрепрезентативните и веројатно најлуксузни хотелски објекти во Македонија, Princess Hotel & Casino, Ramada Plaza (Хотел и Казино Принцес Рамада) во Гевгелија. Овој хотел е дел од огромната корпорација Принцес чие седиште на комапнијата се наоѓа во Истанбул, Република Турција.
По пристигнувањето групата студенти и наставници беше примена од дел од менаџерскиот тим на хотелот и притоа беше овозможен разглед на објектот. Ни беа покажани просториите со кои располага овој реномиран хотелски комплекс во кои е лоциран спа центарот на самиот хотел, (еден од најекслузивните вакви центри за одмор и релаксација во регионот). Во продолжение ни беше покажана и салата за конференции и свечености која е опремена со најсовремена технологија.
Понатаму групата имаше можност да види како изгледаат некои од најлуксузно 2опремените соби и апартмани во самиот хотел. Хотелот располага со капацитет од 131 соба, два луксузно опремени апартмани и еден претседателски апартман.
Љубезните домаќини одговорија на прашањата на љубопитните студенти но и прашањата поставени од страна на самите наставници, а кои беа поврзани со работењето на хотелот, начинот на кој се справуваат со предизвиците итн.
Посетата на овој хотел заврши со организиран ручек за учесниците на теренската настава. Од таму патувањето продолжи кон градот Гевгелија, каде имаше краток панорамски разглед на градот и имаше прошетка и можност за кафе пауза во центарот на Гевгелија, градот лоциран во најјужниот дел на Република Македонија, а на самата граница со соседна Грција.
Во градот Гевгелија според последниот официјален попис на населението (2002) спроведен од Државниот завод за статистика живеат 15.685 жители. Враќањето за назад во Скопје беше во доцните попладневни часови.
За успешната реализација на оваа теренска настава покрај студентите и нивното примерно однесување беа задолжени и следните наставници и соработници: проф. д- р Михаило Зиков, проф. д-р Никола Панов, проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Ристо Мијалов, проф. д-р Мирјанка Маџевиќ, доц. д-р Милена Талеска и м-р Христина Димеска и проф. М. Бојаџиевски.
Текст: м-р Христина Димеска
Фотографии: д-р Благоја Маркоски