28 March 2025
АрхиваМакедонија

Праисториската густина на населеност во Прилепско Поле и Пелагониската Котлина

оригинално објавено на: 25.01.2022

Население и населени места

Еволуцијата на популацијата во Прилепско Поле е тесно поврзана со општествено-историските услови во регион. Разни фактори во минатото влијаеле и врз демографските промени на населението и врз демографските елементи кои ги откриваат основните промени поврзани со социјалните, економските, етничките и други одлики на населението. На опфатената територија постојат 89 населени места, од кои 2 може да ги сметаме како градски насеби, а останатите како селски. Во овие населени места населени се и егзистираат 103166 жители (Проценето според Државен завод за статистика, заклучно со 30.06.2019).

Слика 1. ПРИЛЕПСКО ПОЛЕ.
Автор: проф. д-р Благоја Маркоски

Од градските населби градот Прилеп претставува главен стопански, просветен и културен центар за целата територија со 69704 жители, додека градот Крушево е административен центар и стопански центар за околниот планински регион со 5330 жители. Селските населби се со релативно мал број на жители. Села во кои бројот на жители се движи помеѓу 1000 и 2000 жители се руралните населби Кривогаштани, Дебреште, Житоше, Црнилиште и Лажани, а осум (8) останати селски населби имаат помеѓу 500 и 1000 жители. Останатите се селски населби со помалку од 500 жители. Селските населби по положба можат да се поделат на полски, рабни и планински населби. Овие населени места типологијата со органски раст и развој, централно средиште и улици кои зракасто се развиваат со доминантна содржина на станбеното домување во едносемејни станбени куќи и индивидуални стопански објекти. Следејќи ја изградената морфологија во целокупниот регион, може да констатираме дека рамницата располага со рамномерно распределена изградена содржина со две поголеми градски ткива кои го создаваат доминантното регионално инфраструктурно поврзување од исток кон запад (Прилеп – Кривогаштани/Крушево), што дополнително ја одржува хармонијата на населби кои гравитираат околу овие два центри. Дополнително, на оваа оска се надоврзува локалната патна инфраструктура која произлегува од типологијата на органскиот раст на населените места и во ист манир низ рамницата е развиена мрежа на локална патна инфраструктура. Ваквата распределба на населени места и нивно меѓусебно поврзување се должи и на континуитетот на развој на регионот и надоврзување на старите населби кои биле позиционирани во рамницата на совладливо растојание помеѓу себе, пред се заради нивна взаемна коегзистенција и опстојување.

Најгусто населен регион од праисториско време

Животот на човекот во Пелагониската котлина се одвивал и во бронзениот и во железниот период и според досега истражените локалитети се согледува неговиот континуитет. Посебно се издвојуваат археолошкиот локалитет Хераклеја, историскиот локалитет Маркови кули во Прилеп и античкиот град Стибера во централна Пелагонија. Според истражувања кои датираат од периодот после Втората светска војна, како и бројно истражување, документирање и публикување од последните десетина години, котлина Пелагонија важи за еден од најнаселените региони во предисторијата, период за кој овој регион е опишан како простор со густо распоредени населби (Наумов и др. 2017, 11). Едно од последните истражувања спроведено во текот на втората половина од 2018 година од страна на Н.У. Завод и Музеј – Прилеп го преиспитува и потврдува овој факт за Прилепско Поле. При истото се реализирани теренски истражувања на територијата на општините Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево, со цел ревидирање на податоците содржани во Археолошката карта на Република Македонија том II, Скопје 1996, односно нивно потврдување или коригирање. Од вкупно 443 археолошки наоѓалишта во рамките на четирите општини внесени во Археолошката карта на Република Македонија, потврдени се позициите, типолошката и хронолошката припадност на 250 наоѓалишта (Миткоски и Темелкоски 2019, 87).

Слика 2. АРХЕОЛОШКА КАРТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СО ТЕРИТОРИЈАЛЕН ФОКУС НА ПРИЛЕПСКО ПОЛЕ. НАОЃАЛИШТА ОД РИМСКО ВРЕМЕ: НАСЕЛБИ, УТВРДУВАЊА, ПАТИШТА И ДРУГИ ПОЕДИНЕЧНИ ОБЈЕКТИ.
Автори: проф. д-р. Благоја Маркоски, Воислав Санев

При истражувањето спроведено во период на 2014 и 2015 година од страна на Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП), користејќи ги методите на ГИС мапирања и геофизички скенирања во истражување посветено на предисториските тумби во котлина Пелагонија документирани се 94 локалитети, од кои 53 дотогаш непознати во македонската археологија. Со тоа вкупниот број на тумби на целата територија на Пелагонија се издигна на 130 тумби, со што овој регион го зацврсти приматот на најгусто населен македонски регион од времето на неолитот (Наумов, 2014).

Слика 3. ПОЗИЦИЈА НА НАСЕЛЕНИ МЕСТА ВО ПОДРАЧЈЕТО НА ПРИЛЕПСКО ПОЛЕ (ГИС ИЛУСТРАЦИЈА)

Надоврзано на истражувачките иницијативи, од исклучителна важност е да се спомене археолошкото рекогносцирање на и околу локалитетот „Врбјанска Чука”, локалитет кој се наоѓа помеѓу селата Славеј и Врбјани на територија на општина Прилеп и истиот ја тангира главната комуникациска оска (исток-запад) на регионот, Прилеп – Кривогаштани/Крушево (Истражувањето е започнато во текот на Јули 2016 година во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Н.У. Завод и музеј – Прилеп, Универзитетот од Јужна Бохемија и Институтот за старословенска култура). Истото дава значителен придонес кон процесот на детектирање на почетоците на неолитот во Пелагонија. Заклучоците несомнено потврдуваат дека овој регион имал клучна улога во процесот на неолитизацијата, но дава и можност да се добијат нови податоци преку коишто ќе се изгради јасна и прецизна слика за ширењето на првите земјоделски култури во Македонија (Наумов, 2009). Со цел контекстуализирање на оваа неолитска приказна, во истиот наврат извршено и рекогносцирање на повеќе локалитети рапоредени во близина на Врбјанска Чука. Со рекогносцирањата се опфатени 9 наоѓалишта и тоа пред сè во атарот на селата Славеј, Врбјани, Пашино Рувци и Боротино, при што се добиени нивните точни GPS позиции, зафатнината, висината, податоци за моменталната состојба и карактерот на материјалната култура (Наумов и др. 2017, 12).

Слика 4. КАРТА НА СЕВЕРНИОТ ДЕЛ ОД ПЕЛАГОНИЈА СО РЕКОГНОСЦИРАНИ ПРЕДИСТОРИСКИ ЛОКАЛИТЕТИ: 1. ВРБЈАНСКА ЧУКА-СЛАВЕЈ; 2. ТУМБА-БОРОТИНО; 3. КРУШЕАНСКА ЧУКА-ВРБЈАНИ; 4. КОЊАРСКИ ВИС-СЛАВЕЈ; 5. БЕЛ КАМЕН-СЛАВЕЈ; 6. ЧУКА ЛИВАЃЕ-СЛАВЕЈ; 7. ТУМБА ЧАИР-ПАШИНО РУВЦИ; 8. СРЕДСЕЛО-ВР-БЈАНИ; 9. ПАРАЛИЦА-СЛАВЕЈ; 10. ЧУКАРЧИЊА-ВРБЈАНИ.
Изработил: Гоце Наумов
Нови модели на просторен развој

Оваа густина на локалитети, ја потврдува праисториската густина на населеност на овој регион, но секако тој број не може да се земе како конечен. Во оваа тематика постојано се наметнуваат како неопходни константните проучувања на контекстот кои доколку просторно ги замислиме во своја полна истражувачка активност, нема да згрешиме доколку котлина Пелагонија ја наречеме археолошко-истражувачка лабораторија на отворено. Со цел дополнително да се оправда овој епитет, тој простор мора да го опишеме како лабораторија во која се применуваат современи методи на мултидисциплинарни истражувања како што се рекогносцирање, ископувања, лабораториски анализи, археоботанички анализи, обработување на материјалната култура и теренските податоци, дигитално топографско мерење и 3Д моделирање и секако презентации, изложби и дискусии. Повеќе од евидентно е дека за имплементација на археолошките истражувања потребна е форма која ќе ги задоволи превентивните карактеристики, но истовремено ќе допринесе за продуктивноста и изложеноста на археолошкото наоѓалиште кон пошироката стручна и општа јавност. Потребни се повеќе од индивидуални, изолирани интервенции кои во својата засега препознатливата форма, претставуваат заштитни бариери и ограничувања на најблискиот контекст на наоѓалиштето.

Слика 5. КОНЦЕРТ НА ВИБРАФОНИСТОТ АНТОНИЕ, ВРБЈАНСКА ЧУКА (28.09.2020). ОРГАНИЗАТОРИ: ЦЕНТАР ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ПРЕДИСТОРИЈАТА.
Автор: Коста Дупчинов

Актуелните процеси на развојното планирање, својот приоритет го засноваат на инфраструктурниот развој кој ги поддржува процесите на индустријата, транспортот, надоградба и зголемување на капацитетот на наследените капитални инфраструктурни зафати како што се мелиоративните системи и системите за наводнување. Во таква ситуација, повеќе од неопходен е инклузивен процес на регионално планирање во кој заборавените фрагменти од културно-научно значење, прецизно ќе се лоцираат и документираат, за подоцна истите да постанат фактор на кој му е потребна адеквантна инфраструктура на териотријален размер. Конечно, ваквиот модел внесува нови социјални квалитети и капацитети во проектираните инфраструктурни интервенции преку внесувањето на јавна програма, оддавање на простор за културна размена и презентација, простор за социјализација, едукација и рекреација.

Користена литература:
Бошевски, М. 1977. Развојниот пат на водостопанството на Пелагонија. Битола
Китаноски, Б. 1971. Прилеп и Прилепско низ историјата, Книга прва: Од праисторијата до крајот на првата светска војна. Прилеп: Институт за национална историја – Скопје.
Мургоски, А. 2014. Археологија во Општина Кривогаштани. Општина Кривогаштани
Савески, С.; 2003. Прилепско Поле и Бушева Планина: Картографско-Географска Анализа. Скопје: Институт за Географија, ПМФ – Скопје, Универзитет “Св.Кирил и Методиј.
Караџоски, В.(уред.). 2014. Прилеп. Милениумско пулсирање 1914-2014. Прилеп: Локална самоуправа на Општина Прилеп, Друштво за наука и уметност – Прилеп.
Панов, М.; 1969. Некои методолошки елементи во проучувањето на географската средина. Скопје: Институт за географија, Факултет за Природно Математички науки.
Миткоски, А.; Темелкоски, Д. 2019. Георекогносцирање на територијата на општините Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево. Патримониум 17: 87-106
Наумов, Г.; Миткоски, А.; Мургоски, А; Бенеш, Ј.; Милевски, Ѓ.; Пшибила, М.; Комаркова, В. Вихронова, М. и Стоимановски, И. 2016. Истражување на Врбјанска Чука кај Славеј – 2016. Патримониум 14: 13-42. Скопје.
Наумов, Г.; Миткоски, А.; Мургоски, А; Бенеш, Ј.; Милевски, Ѓ. 2017. Рекогносцирање на предисториски локалитети во Северна Пелагонија. Патримониум 15: 11-36. Скопје
Миткоски, А.; Темелкоски, Д. 2019. Античко македонски локалитети во прилепскиот регион,
Наумов, Г. 2014. Неолитски истражувања во котлина Пелагонија. Извор. Дневен весник Утрински, Скопје, 29 Декември 2014

Автор: м-р Павел Вељаноски – докторанд на Институтот за географија, ПМФ