Поука за новинари и медиуми
оригинално објавено на: 01 Feb 2012
Името и референцата
Воопшто е познато дека низ медиумите од било која форма (печатени, ради, телевизија, интернет) имаат обврска да внимаваат на говорот, терминологијата и правилата воспоставени од страна на институциите во државата. Согласно мојата професионална преокупација во сверата на картографијата и географските информациски системи, каде покрај другото неодминливо се третира и проблемот на географските имиња, се чувствувам непријатно кога че прочитам или слушнам изменето име на мојата мила држава Република Македонија, па макар и во преносна смисла. Се случува, можеби од незнаење, можеби во контекст на информацијата која се презентира, меѓутоа нема никаква оправданост сопствената држава во силни медиуми и од (како што викаат или сами се нарекуваат) реномирани новинари да се нарекува со референцата или саркастично да се споменува акронимот на референцата. Кај нас е правило во секој говор или документ каде што странците ја споменуваат референцата (како замена за името на Република Македонија) таа треба да се чита и преведува со терминот/името Република Македонија. Во спротивно, на генерациите кои растат и кои доаќаат на свет им се внесува во потсвеста нешто што нема врска со нивната земја/држава, народ и нација. Така лагата што некој самопрогласен за патриот неоправдано се продолжува во свеста на невините млади души. Навистина би замолил референцата срамно донесена во божемниот храм на нациите да не се изговара (како што вообичаено несмее да се изговара името на лукавиот) ниту нејзиниот акроним ни во преносна ни во било каква смисла.
Главниот град и името
Во дипломатијата, често пати поради големината на административно-политичките институции и политишките средби на високо државничко ниво кои најчесто се наоѓаат и случуваат во главните градови на државите, се користи името на главниот град како синоним за дотичната држава. Таа практика многу често ја практикуваат и нашите новинари. Во ред, меѓутоа, во контекстот на проблемот со едностраното неприфаќање на името Република Македонија и саркастичното именување на нашата земја со името Скопје, многу е важно ние самите да не го употребуваме пречесто овој термин, особено ако станува збор за констелации поврзани со Егејскиот дел од Македонија.
Македонија „мала“
Во контекст на разни политички, економски, социјални или воени аспекти премногу се употребува терминот „нашата мала земја“, „Македонија е мала“ и така слично. Ова покрај новинари за жал го употребуваат и многу политичари. Кога станува збор за држава, така несмее ниту да се размислува ниту да се настапува. Бидејќи, фактички Република Македонија не е најмала бидејќи од вкупно 210 држави и територии во светот 62 се помали од нашата територија (25.713 км2), а 65 се со помал број на население (под 2.000.000 жители). Значи ние не сме мали (тоа е понижувачко) или немоќни, без ресурси (во просек имаме барем по 0,3 хектари обработливо земјиште по жител), туку по се изгледа сме недоволно добро организирани и недоволно добро патриотски ориентирани (а за тоа голема е улогата на медиумите). Типичен пример е нашата пријателска држава Република Словенија, но таму никој не изговара „нашата мала земја“ туку ечи словенечка музика и фолклор, има натпревар како подобро да се афирмира својата дежела. Зарем е мала нашата, историја, географија, култура и традиција. Кај нас, со чест на исклучоци на најсилните медиуми неможеш да слушнеш македонска песна со дух и содржина. Повеќе чест се дава на тие со искривоколчени погледи и мисли отколку нешто убаво и достоинствено од типот на маестро Стефче, Даутоски и сл.
Намерно не споменувам никого (човекот постојано учи и се подобрува) и се надевам дека нема да бидам погрешно разбран, а во духот на патриотизмот да се подобруваме полека, а не да робуваме на случувањата.
Проф. д-р Благоја Маркоски