Посета на прекрасната пештера Леденика во Бугарија
оригинално објавено на: 29.5.2015

Пештерата Леденика е една од најубавите пештери и една од најпознатите туристички дестинации во Бугарија. Леденика се наоѓа на 16 км југозападно од градот Враца (60 км северно од Софија), на едно високо карстно плато на 830 м н.в. Оваа пештера е специфична поради температурите, кои од сезона во сезона се различни. Во лето достигнуваат температура до -5 степени Целзиусови, додека во зима може да достигнат и до -20 степени, а влажноста се искачува и над 90%. Во пештерата Леденика е многу студено, па оттука доаѓа и нејзиното име: Лед или мраз, односно студена пештера. Леденика изобилува со разновидни пештерски украси како: сталактити, сталагмити, сталагњати, завеси, водопади, травертински басенчиња, пештерски бисери и други пештерски украси, кои прават пештерата да биде препознатлива. Самиот комплекс Леденика, опкружен со неверојатна природна средина, е заштитено подрачје кое се наоѓа во Националниот Парк Врачански Балкан. Пештерата е дел од заштитените подрачја на „100 Tourist sites of Bulgaria“, бугарско здружение основано за промоција на најзначајните културни, историски и природни знаменитости во Бугарија. Леденика е лесно проодна, па заради тоа за туристи е отворена уште во 1961 година. Во 2005 година е поставена нова опрема (осветлување, скали, пристапи), па туристите може од високо да ја набљудуваат прекрасната галерија на внатрешноста на пештерата. Пештерата може да се посети со претходно купена влезница, а за групните посети пештерата има и одговорен водич, кој раскажува за значењето, препознатливоста, историјата и украсите на пештерата. Нејзината вкупна должина е околу 300 м и содржи 10 одделни сали. Разгледувањето трае еден час, при што се започнува со салата наречена Anteroom – најнискиот дел на пештерата, во кои се формираат ледени скулптури и е причина за нејзиното име. Од Anteroom посетителите поминуваат низ низок премин наречен Plaznyata и до малата кружна сала. Најпозната е „Концертната сала“, во која секоја година на крајот на мај се одржува концерт. За да се влезе во оваа акустична сала, мора да се помине низ влезот кој е познат како „чистилиште“ или „Премин на грешниците“, за кој се верува дека после поминувањето, се „бришат“ гревовите. Леденика денес е претежно сува пештера, со мало езерце „Езерцето на желбите“ по кое пештерата исто така е позната. Легендата вели дека ако во ладната вода на езерцето, фрлите паричка, замислите желба и допрете со дланката во водата, тогаш желбата ќе се исполни.

Мора да се земе предвид дека во пештерата е забрането да се чепка пештерската фауна, да се пишува или слика на ѕидовите, да се влегува со факели или други извори на осветлување или чад, како и други активности кои водат до обезличување и деградација. Заштитена е со цел за зачувување на карактеристичните карстни форми во пештерата, пештерските украси и живеалиштата на богата и специфична пештерска фауна, која се состои од 53 вида животни.
Забавниот парк “Леденика”, се наоѓа непосредно до пештерата и вклучува посетителски центар со изложби и 5D-кино, адреналински парк, амфитеатар и тематски прекрасен парк. Туристичкиот центар нуди прошетки по еко-патеки, спортски игри и натпревари за сите возрасти, уметнички настани поврзани со природните карактеристики на Природниот парк “Врачанскиот Балкан”, квизови, карневали, фото-изложба на зададена тема и многу други забавни активности.
Денес, комплексот Леденика го посетуваат десетици илјади туристи годишно и е пример како треба да се уреди и стави во туристичка функција релативно мала, но интересна пештера.
Извори:
www.en.wikipedia.org
www.bulgariatravel.org
www.vr-balkan.net
Подготви: Билјана Бабаноска, насока ГИС