Посета на локалитетите „Базалтни плочи“ кај с. Младо Нагоричане и „Плоче – литотелми“ кај с. Страцин
оригинално објавено на: 8.11.2015
На 5.11.2015 година, со студентите од прва година наставна насока и насока ГИС на Институот за географија при ПМФ во Скопје, се изведе еднодневна теренска настава во североисточниот дел на Македонија до базалтните плочи кај с. Младо Нагоричане и локалитетот Плоче – литотелми кај с. Страцин. Наставата беше во рамките на предметите Општа геологија и Картографија. Организатори на теренската настава беа проф. д-р Благоја Маркоски и проф. д-р Ивица Милевски, а свој придонес во организацијата дадоа помладите колеги од Институтот: м-р Владимир Златановски и м-р Анита Тодорова. Гости на теренската беа претставници на Министерството за Животна средина и просторно планирање на Република Македонија, кои на студентите им презентираа свои информации за законската заштита на посетените локалитети.
Првин беше посетен локалитетот Базалтни плочи, кој претставува единствна појава од таков вид на Балканскиот Полуостров. Станува збор за 8 конусовидни, на врвот зарамнети возвишенија кои се протегаат меридијански и верижно, во должина од околу 5 км. Истите се остатоци од некогаш единствената вулканска плоча, формирана со излевање на базалтна (типично вискозна) лава на овој простор пред околу 7-8 милиони години. Возвишенијата се зарамнети на врвот, сите со слична надморска височина од 480-505 м. Од нив најистакнати се „Костоперска Карпа“ и „Вујовска Карпа“, високи 80 до 100 м, непосредно покрај магистралниот пат Куманово – Кр. Паланка. Покрај уникатниот изглед на „вулкански купи“, на зарамнетите делови од плочите има интересни микроформи во вид на вдлабнатини, карпести коритца и сл., кои во влажниот период се исполнети со вода. Истите настануваат под влијание на селективна механичка, хемиска и биогена ерозија на понеотпорните минерали и карпести партии. Покрај масивна базалтна лава, на кај плочите се среќава и лесна сунѓереста лава настаната со излевање во водена (езерска) средина. Поради своето значење, Базалтните плочи се заштитени со закон како споменик на природата. За жал, и покрај законската заштита, на нив неодамна се поставени огромни радиопредаватели со кои е нарушена севкупната вредност на појавата. На најјужната плоча пак, Зебрњак, чиј природен изглед уште од поодамна е променет со изградба на голем споменик, сеуште се одвива експлоатација на базалт. Важно е да се напомене дека освен природна, плочите имаат изразита културно-археолошка вредност. Покрај податоци за геолошката важност на базалтните плочи, студентите овде слушнаа изворни информации за постапката на нивна заштита. Во рамките на теренската настава, им беа презентирани практични начини на картографска ориентација и користење на картите во природа.
Вториот локалитет кој беше посетен е Плоче литотелми, околу 1 км северозападно од с. Страцин. Овде станува збор за вулканогена зарамнина на надморска височина од 780 м, составена од „кисели вулканити“: андезитско ингибритски карпи, бречи и туфови. Поради доста хетерогениот минеролошки состав и влијанието на атмосферските фактори (физичко распаѓање, хемиско растворање, биогена ерозија), во хоризонталните карпести површини налик на „плочи“ се создадени стотина вдлабнатини (т.н. литотелми) со пречник од десетина сантиметри па до 2 метри и длабочина до 30-40 см. Вдлабнатините имаат најразлични форми: од сосема кружна, преку елипсеста, издолжена, коритеста, форма на срце, стапалка и др. За време на врнежи и извесен период потоа, вдлабнатините се исполнети со вода која се задржува од неколку денови до неколку недели. Најинтересно е што во водата обино „врие“ од жив свет: водни црви, инсекти, ракчиња. Посебно е карактеристично вилинското ракче кое спаѓа во групата загрозени балкански ендемити. За време на посетата имавме ретка можност да ги видиме и фотографираме ракчињата по кои особено е познат локалитетот и со закон е прогласен за строг природен резерват. Сето ова беше доста интересно, привлечно и сосема ново за студентите.
На враќање кон Скопје, во ресторанот Грација во Куманово (кај „газда Влајко“), застанавме на кратка пауза за одмор и ручек. Освен размена на впечатоци и искуства од теренската, имавме неофицијална средба со претставници од Општина Куманово со цел запознавање со односот кон природните атрактивности во општината. Задоволни од преубавото време, новите информации што беа добиени, бројните и одлични фотографии, дружењето и вистинската теренска географска атмосфера, во доцните попладневни часови заврши оваа прекрасна и многу корисна географска авантура со заедничка желба за некоја нова и тоа што поскоро.
Подготвил: д-р Ивица Милевски