15 March 2025
Архива

Посета на д-р С. Бухер од Словачка на Институтот за географија во рамките на програмата CEEPUS

оригинално објавено на: 05.05.2014

Институтот за географија веќе неколку години е дел од CEEPUS програмата за размена на наставници и студенти. Во рамките на програмата за работа во мрежата на GEOREGNET имавме можност наши студенти да присуствуваат на летната школа во Прешов, овој септември 2014 година одобрена е апликација на наш студент на летната школа во Краков, Полска, а во очекување се апликациите за летната школа во 2015 година во Нови Сад. Истовремено се одвиваат и активностите околу размена на наставниот кадар, што беше повод д-р Славомир Бухер од Факултетот за Општествени и Природни науки при Универзитетот во Прешов, од 28. 04. 2014 год. до 4. 05. 2014 година да престојува како гостин и предавач на Институтот за географија при Природно-математичкиот Факултет во Скопје.

Д-р Славомир Бухер, при својата посета на Институтот за географија одржа интересни предавања на следниве теми:

Природно-географските и социо-економските карактеристики на Словачка;

Стареење на населението во Словачка и Чешка;

Словачко географско друштво и научните бази на податоци SCOPUSA, WEB OF SCIENCE.

Реализираните предавања предизвикаа интерес кај студентите и наставниот кадар и беа проследени со интересни прашања и дискусии. Воедно посетата на д-р Славомир Бухер беше искористена за размена на мислења на одредени актуелни теми на полето на географијата и разгледување на можности за заедничка соработка на заеднички проекти и теренска настава со студентите.

Оваа посета во рамките на CEEPUS програмата беше прва од ваков вид на Институтот за географија, но заложбите остануваат оваа матична високообразовна установа за географијата во Република Македонија да биде во континутет место за збиднувања од ваков вид.

Автор: Д-р Билјана Апостоловска Тошевска, вонр. проф.

Координатор на CEEPUS програмата на Институтот за географија