Посета на Географскиот факултет во Белград и теренска настава низ Војводина
оригинално објавено на: 11 May 2012
Соработката помеѓу Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и Географскиот факултет од Белград продолжи и оваа година. Студентите од прва и втора година на студиите по демографија заедно со професорите проф. д-р Мирјанка Маџевиќ, доц. д-р Билјана Апостоловска Тошевска, проф. д-р Ивица Милевски и Анита Тодорова во периодот од 6 до 9 мај оваа година беа гости на Катедрата за демографија при Географскиот факултет во Белград. Во улога на домаќини беа проф. д-р Гордана Војковиќ, која воедно беше и организатор на посетата, проф. д-р Мирјана Девеџиќ, проф. д-р Светлана Радовановиќ, асс. м-р Власта Кокотовиќ, асс. м-р Александар Кнежевиќ, Јелена Стојилковиќ и асс м-р Вера Глигоријевиќ.

Во текот на реализацијата на официјалната посета во просториите на Катедрата за демографија беше одржано предавање од страна на доц. д-р Билјана Апостоловска Тошевска за социо-економските карактеристики на Република Македонија. Дружењето продолжи со дводневна теренска настава на релација Белград – Апатин – Сомбор – Суботица – Палиќ – Петроварадинска тврдина – Белград. Во текот на теренската настава беа проследени едукативни предавања во просториите на општина Сомбор, со посебен осврт на матичната евиденција во општината. Во Суботица студентите имаа можност да ги посетат Статистичкиот завод и одделот за Урбанистичко планирање каде проследија соодветни презентации од стручни лица. Попатно следеше разгледување на околината и прекрасно дружење. Воедно беа направени планови за идна научна соработка на полето на демографијата и организација на следна заедничка теренска настава која ќе биде реализирана во Македонија.

За време на престојот на Географскиот факултет во Белград, гостите од Македонија беа срдечно примени од вршителот на должноста Декан на факултетот, проф. д-р Мирољуб Милинчиќ, како и од останатото раководство. Беа направени и бројни други контакти со наставно-научниот кадар на факултетот, со цел продлабочување на соработката која традиционално е на мошне високо ниво.
Целиот настан беше особено полезен и за студентите на насоката демографија при Институтот за географија на ПМФ во Скопје, кои во практика добија нови сознанија, се дружеа и разменуваа искуства со своите колеги од Србија.
Подготвил: д-р Билјана Апостоловска Тошевска