„Попис на врвовите во Република Македонија“ од Илија Петрушевски
оригинално објавено на: 26.02.2013
Во декември 2012 година од печат излезе книгата „Попис на врвовите во Република Македонија“. Автор на книгата е Илија Петрушевски, дипломиран географ и доаен на македонската историска картографија. Содржинaта на книгата е рецензирана од универзитетскиот професор д-р Благоја Маркоски, редовен професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во првиот дел на книгата даден е општ преглед на планините во Република Македонија и нивниот просторен распоред. Во воведниот дел, авторот планините во Република Македонија според времето на постанокот, геолошкиот состав, височината и правецот на протегање ги класифицира на Родопски и Шарски планини. Шарските планини како подгрупа на Динарските планини, ги дели на Шарска, Пелагониска и Вардарска група планини. По наведената класификација, авторот во вториот дел од книгата прави попис на планинските Врвови во Република Макдонија.
Во вториот дел од книгата, авторот пописот на врвовите во Република Македонија го прави врз основа на извршената класификација на планините. Притоа за секој врв изнесува податок за: името на врвот, апсолутната надморска височина изразена во метри, географските координати (географска должина и ширина), како и краток опис на положбата на врвот во однос на најблиската околина. Во пописот на врвови, во групата Шарски планини попишани се 88, Пелагониската група 257, Вардарската група 108 и во Родопската група планини попишани се 173 врвови. Вкупниот број на попишани врвови изнесува 626, а во предвид земени се врвовите од највисокиот врв на територијата на Република Македонија до 500 м.а.н.в. Врвовите се попишани врз основа на Топографските карти во размер 1: 50000, во издание на Военогеографскиот институт во Белград.
Во третиот дел од книгата авторот Петрушевски врши класификација на врвовите врз основа на нивната апсолутна надморска височина и истите табеларно ги прикажува. Во табеларниот приказ во групата од 2764 до 2000 метри се 67 врвови, во групата 1999 до 1500 метри се 117 врвови, од 1499 до 1000 метри се 253 врвови и во групата од 999 до 500 метри се 189 врвови.
Од технички аспект книгата е одлично дизајнирана, со фотографија од врвовите Голем и Мал Кораб на предната корица и фотографија од врвот Љуботен на задната корица. Содржините се претставени на 98 страници, во формат А5.
Книгата претставува одличен „сопатник“ на секој планинар и љубител на природата, но може да биде од корист и за учениците, наставниците, како и сите љубители на географијата.
Подготвил: д-р Свемир Горин