13 December 2024
АрхиваМакедонија

Пониква ве очекува да ја посетите и да уживате во снежните лудории!

оригинално објавено на 17.01.2017

Пониква е туристички центар и викенд населба во источниот дел на Македонија, 20 km северно од Кочани на Осоговските Планини. Се наоѓа на надморска височина од 1500-1600 m во предел со густа букова шума и разновидна вегетација. Зацртан е како еден од 34-те зимски туристички центри во просторниот план на Република Македонија.

До туристичкиот центар Пониква се пристигнува од Кочани по асфалтен пат кој и во зима е беспрекорно исчистен и соодветно нафрлан со сол и песок. На самиот влез на туристичкиот центар Пониква се наоѓа мал спортски аеродром кој некогаш се користел за воени цели. По одминување на аеродромот, се доаѓа до асфалтиран паркинг-простор кој бесплатно им стои на располагање на сите туристи. Околу паркинг – просторот, се наоѓаат неколку угостителски објекти и два активни ски-лифта, каде што љубителите на скијањето можат да уживаат во благодетите на снегот. На само 400 метри од паркингот се наоѓа и новоизградената црква Св. Василиј. Делот од некогашниот воен објект пак, минатата година е претворен во одличен ресторан со вкусна храна и пијалоци по многу пристапни цени. По обилните врнежи од снег во изминатите десетина дена, снежната покривка на Пониква достигна речиси 50 сантиметри. Поради надморската височина, снежната покривка овде трае во просек 3-4 месеци, најчесто од декември до март. Снегот на Пониква е благодет за се поголемиот број посетители кои можат да уживат во снежните убавини и атракции. Како туристички центар, Пониква обезбедува удобен смештај. Покрај викенд-населбата, неколкуте мотели, ресторани, има и детско одморалиште со капацитет од 220 легла. Секако тука се спортските терени, ски-патеките, жичарниците, сервисите и услугите за скијачка опрема и бројни други атракции. Воедно има прекрасен видик кон Осоговските Планини, но и кон Кочанската Котлина на југ и долината на Злетовска Река.

Заради одличните природни услови кои се создадени со натрупувањето на снегот, Пониква деновиве ја посетуваат од 1000-2000 гости. Сепак, главен проблем е недостигот на доволно сместувачки и угостителски капацитети, кои во моментов, се лимтирани на само 250 легла исклучиво од Кочанска страна. Воедно, нема ниту еден објект на позначајните е-туристички портали, како што е Booking.com или Expedia.com. За да се подобри состојбата, општините Кочани и Пробиштип, продаваат околу 100 плацеви за изгрдаба на мотели и вили, со што драстично ќе се зголемат и можностите за сместување на гости. Сево ова би можело и да се реализира и Пониква да стане вистински зимски центар, но претходно ќе треба да се обезбедат финансии за изгрдабата на алтернативниот пат од Турско Рударе до Пониква.

Инаку, без оглед на снежното време, патот до Пониква постојано се чисти што овозможува сообраќајот да се одвива нормално. Затоа, максимално искористете ги викендите и слободното време и прошетајте до Пониква која е позната како здрава воздушна бања. По престојот во загадените градови, ќе ги наполните градите со свеж воздух и ќе се одморите од градските гужви барем на неколку дена.

Извори:
http://makedonskibiser.com.mk/
http://www.sk.com.mk
http://www.ponikva.mk/

Изработиле: Славица Тенекиџиева и Тоше Тановски во консултација со д-р Ивица Милевски