3 November 2024
Архива

Пештера Пешна, Македонски Брод – убавина што ќе ве остави без зборови

оригинално објавено на: 9.4.2016

Во близина на Македонски Брод се наоѓа Пештерата Пешна. Оваа пештера го добила името по сестрата на Крале Марко – Пешна, за која многу голем дел од нас и не слушнале. Според легендата која и ден денес се раскажува, уште во 14-тиот век опеаниот македонски јунак Крали Марко и изградил куќа на својата сестра Пешна на самиот почеток од пештерата, која подоцна почнала да се нарекува Пешна. Куќата со своите огромни и дебели камени ѕидови наликува на мала тврдина. Благодарение на дебелите каменити ѕидови денес дел од тврдината е останат и може да се види.Oва ремек дело на природата со својата величествената големина, својата грандиозност и својата убавина ќе ве остави без здив. Според спелеолозите, Пешна е пештера со најголем отвор на Балканот – висината на отворот изнесува 40 метри, а широчината 56 метри. Должината на пештерата е 124 метри. Во пештерата се гнездат ластовици, а во неа живеат и лилјаци. За убавината на пештерата зборува тоа што „Њујорк тајмс“ ја споредил со сцените од филмот „Господарот на прстените“.

Интересно за оваа пештера е што во пролет, кога се топат снеговите од високите планини во тој предел, на влезот од пештерата ќе ве пречека жубор на мала река која извира од малото езеро кое се наоѓа на крајот од пештерата, потоа ќе ве пречекаат ѕидините на куќата на Пешна, а веднаш зад неа огромна пештера која ќе ви го одземе здивот. Горниот дел од пештерата кој е висок триесетина метри, не се карактеризира со многу сталактити, но затоа ќе наидете на прекрасни форми направени од самата карпа кои дефинитивно ќе ви го задржат погледот. Без разлика каде ќе го спуштите вашиот поглед, тој ќе наиде на карпи кои достигнуваат големина и над два метри со прекрасен разигран релјеф.

Слика 1.

Благодарение на огромниот отвор, сончевите зраци успеваат да продрат дури и до крајот на пештерата и слободно можете да прошетате низ неа без никаков проблем. Кога ќе стигнете до крајот на самата пештера, свртете го вашиот поглед наназад за да не го пропуштите овој несекојдневен видик кој плени со својата убавина.

Извори: mk.wikipedia.org/wiki; crnobelo.com/zivot; igeografija.mk

Подготвила: Кристина Тодоровска, студент на Наставна Географија, ПМФ-Скопје